Shpetim Hiseni
03 Јануари 2025•Ажурирај: 05 Јануари 2025
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за одбрана на Косово, Ејуп Маќедончи, изјави дека Приштина „генерира“ опции да се опреми со хеликоптери, нагласувајќи дека северниот сосед Србија продолжува да претставува закана за неговата земја, пренесува Анадолу.
Во интервјуто за локалната новинска агенција „КосоваПрес“, Маќедончи зборуваше за безбедносната состојба во земјата.
Процесот на трансформација на Косовските безбедносни сили, кој влезе во седма година, се одвива според плановите, рече Маќедонци.
„Генерираме опции за да бидеме опремени со хеликоптери и верувам дека во наредните денови ќе имаме појасни информации и граѓаните секако ќе бидат информирани за нашата ориентација и за нашиот пристап во однос на хеликоптерите и наша цел е секогаш да има барем дел од овие средства во Косовските безбедносни сили пред крајот на третата преодна фаза, пред 2028 година“, рече тој.
На крајот на минатата година Косово потпиша договор со турскиот производител од одбранбената индустрија „Makine ve Kimya Endüstrisi“ (MKE) за отворање на фабрика за муниција на Косово. Маќедончи изјави дека на овој начин Косово ќе стане независно од аспект на муниција.
Според него, оваа фабрика ќе располага со машини по стандардите на НАТО и со неа ќе управува јавно претпријатие, а договорот вклучува и обука за персоналот од страна на Република Туркије.
Косовскиот министер за одбрана изјави дека Србија продолжува да претставува закана со поставувањето 48 бази на српската војска по должината на граничната линија со Косово.
Според Маќедончи, поставени се и други бази во Рашка, Ниш и Врање, кои се недалеку од територијата на Косово.
Тој смета дека е можен ризик од напади, со оглед на тоа дека сѐ уште не се казнети терористите од нападот во Бањска и каналот Ибар-Лепенец.
Маќедончи изјави дека безбедносните институции се способни и подготвени да се соочат со секоја закана што има тенденција да го наруши суверенитетот на земјата.
Инаку, во септември 2023 година група Срби ја нападна косовската полиција во Бањска, Звечани, а животот го загуби полицискиот службеник Африм Буњаку. Една година подоцна, вечерта на 29 ноември 2024 година, голема експлозија го оштети водниот канал на Ибар-Лепенец во Варага во Општина Зубин Поток.
Косовските власти изјавија дека нападот бил терористички и извршен од криминални банди поддржани од официјален Белград.