Zylfije Adem Jakupi
15 Октомври 2021•Ажурирај: 17 Октомври 2021
ПРИШТИНА (АА) – Во главниот штаб на КФОР денеска е реализирана церемонија на примопредавање на должноста командант на КФОР, функција која досега ја извршуваше командант италијанскиот генерал-мајор Франко Федеричи, а го замени Унгарецот Ференц Кајари, јавува Агенција Анадолија (АА).
Новиот командант на КФОР, Ференц Кајари, по преземањето на должноста рече дека во текот на својот мандат ќе работи најдобро што може. Тој му се заблагодари на својот претходник Федеричи за одличната работа која ја сработил, и рече дека ќе го следи патот на своите претходници во исполнувањето на мисијата на КФОР во зачувувањето на мирот и стабилноста на Косово.
„Се надевам дека на крајот од периодот на командата ќе можам да предадам на друг командант способни сили кои подеднакво ќе обезбедуваат дополнителна безбедност во Косово“, рече Кајари.
Во својот говор пред присутните, генерал-мајор Федеричи рече дека неговото едногодишно искуство во Косово е голема гордост.
На настанот присуствуваа и премиерот на Косово, Албин Курти, министерот за внатрешни работи, Џелал Свекла, верски претставници на земјата, амбасадорот на Турција во Косово, Чагри Сакар и други претставници на локални и меѓународни институции.
Унгарскиот генерал е 26. по ред командант на КФОР. Кајари на чело на меѓународните воени сили ќе биде до ноември 2022 година.
По доаѓањето во Косово, во јуни 1999 година, КФОР имаше повеќе од 50.000 војници. Тој број постепено се намалуваше во согласност со безбедносната ситуација и денес се присутни околу 3.500 војници.