Zylfije Adem Jakupi
15 Април 2023•Ажурирај: 18 Април 2023
ПРИШТИНА (АА) - Косовската претседателка Вјоса Османи се сретна со црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, кој ја продолжува повеќедневната посета на Косово, пренесува Анадолу.
Односите меѓу двете држави се оценети како одлични, а соговорниците изразија подготвеност за нивно продлабочување, соопштено е од Претседателството на Косово. Османи вчера го поздрави потпишаниот Договор за воздушен сообраќај меѓу Косово и Црна Гора.
Османи рече дека Косово и Црна Гора имаат исти ставови за значењето на евроатлантските интеграции на државите од регионот, како гаранција за мирот и просперитетот во регионот.
Косовската претседателка истакна дека Црна Гора е пријателска и партнерска земја на Косово, изразувајќи уверување дека уште повеќе ќе го поддржи Косово во настојувањето за зајакнување на меѓународниот субјективитет, вклучително и членството во меѓународните организации, за што ја доби поддршката од премиерот Абазовиќ.
На состанокот е разговарано за последните случувања во земјата и регионот, како и за дијалогот со Србија.
Османи истакна дека Бриселскиот договор ги третира Косово и Србија како рамноправни страни во контекст на меѓудржавните односи иако, како што рече, Србија продолжува со опструкции во примената на постигнатиот договор.
И покрај тоа, рече Османи, Косово ќе остане во координација со меѓународните сојузници во врска со спроведувањето на договорот бидејќи е посветено на трајниот мир, безбедноста и стабилноста.
На состанокот е кажано и дека албанската заедница во Црна Гора и црногорската заедница во Косово се моќен мост што ги поврзува двете земји.
Османи и Абазовиќ разговараа и за проширување на соработката во областа на стопанската размена, трговијата, туризмот, образованието и други области од заемен интерес.
Абазовиќ вчера петок се сретна со премиерот на Косово, Албин Курти, како и со градоначалникот на Приштина, Прпарим Рама, кој му го врачи клучот на главниот град на Косово.
Абазовиќ, кој е во Косово на покана на Алијансата на бизниси на Косово, меѓу другото, го посети и приватниот колеџ „Универзум“, каде што беше промовирана неговата книга „Критика на глобалната етика“. На посебна свеченост на Абазовиќ му беше доделен почесен докторат „Доктор Хонорис Каус“.