Zylfije Adem Jakupi
26 Септември 2020•Ажурирај: 27 Септември 2020
ПРИШТИНА (АА) - Во последните 24 часа во Косово се регистрирани 46 новозаразени со коронавирусот Ковид-19, додека две лица починаа од предизвиканите последици, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Националниот институт за јавно здравје на Косово соопшти дека во последните 24 часа, од 560 тестирани примероци сомнителни на коронавирусот, 46 биле позитивни.
Од почетокот на епидемијата тестирани се 65.454 лица, од кои 15.425 позитивни на коронавирусот, со 619 смртни случаи.
Во изминатите 24 часа евидентирани се 77 излекувани пациенти, со што бројот на оздравени се зголеми на 13.165. Активни се 1.641 случај.
Инаку, Владата на Косово ублажи некои од мерките воведени за заштита од ширењето на коронавирусот. Укината е одлуката од 28 јули со која на граѓаните на 13 општини им беше забрането да се движат по 22:30 часот.
Исто така, работното време на угостителските објекти е продолжено за еден час, така што тие нема да работат од 23:30 до 5:00 часот на целата територија на Косово. Од 21 часот е забранета музика кај субјектите кои обезбедуваат угостителски услуги.
Со новата одлука им се овозможува на граѓаните да учествуваат во верски церемонии и активности, во верските објекти и надвор од нив, но со почитување на Прирачникот за заштита од ширењето на Ковид-19.
Дозволено е и одржување на спортски активности во затворени простори и на отворено. Дозволено е работењето и на затворените базени за индивидуални рекреативни активности во согласност со заштитата од коронавирусот.
Делумно е дозволено одржување културни настани, како што се работата на театрите, библиотеките, галериите, кината, младинските центри, музеите, културните центри, со користење на 40 отсто од просторот на објектите.
И понатаму се забранети јавни собири на повеќе од пет лица на јавни плоштади и паркови, како и приватните семејни собири.
И понатаму важи одлуката за странските државјани кои влегуваат во Косово од земји со висок ризик да мора да поседуваат доказ во вид на ПЦР-тест дека не се заболени од Ковид-19, засновано врз принципот на реципроцитет.