Zylfije Adem Jakupi
15 Февруари 2021•Ажурирај: 17 Февруари 2021
ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Иса Мустафа поднесе оставка на чело на партијата поради лошите резултати на предвремените парламентарни избори во Косово кои се одржаа вчера, јавува Агенција Анадолија (АА).
Иса Мустафа по состанокот на Претседателството на ЛДК, соопшти дека се повлекува од позицијата претседател затоа што, како што рече, како претседател сноси објективна одговорност за изборниот резултат.
„Го информирав Претседателството дека ќе го свикам Собранието на ЛДК за избор на нов претседател за краток временски период. Според статутот имаме 60 дена да го сториме тоа, но ќе го сториме тоа многу побрзо, со цел ЛДК наскоро да добие нов претседател“, рече Мустафа.
Тој наведе дека сака да ја зачува ЛДК и да ја врати како силна политичка сила. Мустафа рече дека неговата партија нема забелешки за изборниот процес, додека гласот е волја на граѓаните. Иса Мустафа е на чело на ЛДК од 2010 година.
ЛДК на вчерашните избори го забележа најлошиот резултат досега со освоени само 13,12 отсто од гласовите, заземајќи го третото место.
Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) на последните парламентарни избори во октомври 2019 година беше втора партија со 24,55 освоени гласови и имаше 28 пратеници во Собранието на Косово.
Аналитичарите оценуваат дека граѓаните ја казниле ЛДК поради соборувањето на Владата на премиерот Албин Курти минатата година, со кого беа во коалиција, по помалку од два месеци.