Zülfiya Yakup
12 Ноември 2019•Ажурирај: 13 Ноември 2019
ПРИШТИНА (АА) - Косово денеска на годишниот состанок на министри за земјоделство на земјите на Југоисточна Европа, од Северна Македонија го презеде едногодишното претседавање со Постојаната работна група за регионален рурален развој на Југоисточна Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
Годишниот состанок на министрите и претставниците на земјите на Југоисточна Европа се одржува по вторпат во Приштина, со цел донесување одлуки за реформи во областа на земјоделството и руралниот развој и меѓусебната соработка во регионот на Југоисточна Европа.
Вршителот на должност министерка за земјоделство, шумарство и рурален развој на Косово, Дијана Живиќ, изјави дека се надева искрено дека од наредната година ќе има можност да се зборува за резултатите од претседавањето на Косово со Постојаната работна група.
„Верувам дека, што се однесува до косовските институции, ќе се обидеме во наредната година додатно да ја зајакнеме регионалната соработка во рамките на нашата организација, состаноците со европските работни групи за рурален развој. Верувам дека наредната година ќе можеме да разговараме за резултатите од ова“, изјави Живиќ.
Директорот за рурален развој при Европската комисија, Марио Милушев, откако му честиташе на Косово за преземањето на едногодишното претседавање со оваа работна група, изјави дека низ оваа група може да се разговара за формулирање на соодветните рурални политики.
Милушев ја нагласи важноста на процесот на интеграции во Европската Унија на земјите на Западен Балкан, што се одразува и на напредокот на земјоделството и руралниот развој. Тој повика на обединување на енергиите на балканските земји во надминување на препреките на патот кон ЕУ-интеграциите.
„Мораме да ја концентрираме нашата заедничка енергија за да ги надминеме тешкотиите и препреките. Предлагам да не се откажувате и да останете доследни во текот на нашето меѓусебно патување. ИПА-фондовите за кои ќе зборуваме денеска, во комбинација со ресурсите и личните напори на вашата земја, треба да послужат за постигнување на крајните цели. Значи, да се реформираат политиките за развој на земјоделството, да се обезбеди владеење на правото и конечно членство во ЕУ“, рече Милушев.
Постојаната работна група за рурален развој е меѓувладина и меѓународна организација поврзана со владини институции за рурален развој во многу земји од Југоисточна Европа. Нејзината цел е да ја олесни конструктивната и континуираната соработка помеѓу министерствата за земјоделство, во рамките на нивните одговорности, во согласност со процесот на интеграции во Европската Унија.