Zylfije Adem Jakupi
30 Мај 2023•Ажурирај: 31 Мај 2023
ЗВЕЧАН (АА) - Во Звечан, општина на северот на Косово, каде што живее мнозинско српско население, денеска е мирно, а војниците на КФОР обезбедуваат пристап до општинската зграда, јавува Анадолу.
Кордон војници на КФОР во полна опрема го блокираа пристапот до општинската зграда и беше подигната метална ограда.
Нема протести, а граѓаните, главно жени, во мали групи стојат настрана.
Може да се види и како се чистат улиците по вчерашните немири во кои беа повредени 30 меѓународни војници.
Според соопштението на косовската полиција, вчера биле приведени 5 демонстранти.
Косовската полиција денеска соопшти дека вчера демонстранти, поединци/криминални групи, со екстремно насилство, довеле до ескалација и деградација на безбедносната состојба на северот на земјата, загрозувајќи ги животите на луѓето, вклучително и животите на службениците на безбедносните институции.
„Протестите во три општини на северот од земјата, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан, продолжуваат и денес кај зградите на општините. Состојбата во моментов се смета за кревка, но мирна“, се наведува во соопштението.
Косовската полиција, во согласност со своите службени должности, продолжува со своите обврски за обезбедување безбедност и непречен развој на протестите, како и соработка/координација на активностите со КФОР и соодветните институции.
Полициските единици истовремено ги преземаат сите истражни дејствија поврзани со вчерашните случаи и развојот на случувањата.
Косовската полиција и денеска ги повикува граѓаните да останат смирени и да не потпаѓаат на повици за насилни протести и провокации од каква било природа.