ГОСТИВАР (АА) - По повод празникот Невруз, кој го одбележува доаѓањето на пролетта, во Гостивар се одржа концертот „Турскиот свет со сите свои бои“, јавува Anadolu Agency (AA).
Под покровителство на амбасадата на Турција во Македонија и во соработка на Институтот „Јунус Емре“, Интернационалниот универзитет „Визион“ и Меѓународната организација за турска култура (ТУРКСОЈ), во Гостивар се одржа концерт на кој присуствуваа советникот на претседателот на Турција, Јалчин Топчу, генералниот секретар на ТУРКСОЈ, Душен Касеинов, амбасадорката на Република Турција во Р. Македонија, Тулин Еркал Кара, градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари, пратеници од македонскиот Парламент, претставници на турските институции и организации во Македонија и голем број гости.

Уметници, членови на ТУРКСОЈ од Турција, Азербејџан, Казакистан, Киргистан, Узбекистан, Туркменистан, Татаристан, Гагаузија, Јакутија и Сибир, со концерт и национални танци и ора ги соединија гостиварчани со боите на турскиот свет.
Советникот на претседателот на Турција, Топчу, во своето обраќање рече дека војните се одвиваат на територијата на кои живеат муслимани, истакнувајќи дека Сирија и Ирак се срамнети со земја, а под урнатините се извлекуваат детски тела.
Велејќи дека теророт зафатил глобални рамки, Топчу рече дека Турција води борба против тероризмот, во согласност со 51. член од Договорот на Обединетите нации и правото за самоодбрана.
„Не станува збор само за безбедноста на Анкара, Турција води борба против терористичките организации ПКК, ПЈД, ЈПГ, ДЕАШ и ФЕТО за безбедноста на сите главни градови. Потребно е нашите стратешки пријатели, сојузници, да застанат покрај месечината и ѕвездата, покрај Турција, бидејќи доколку го сторат тоа, тогаш застануваат покрај оние коишто се легитимни“, рече Топчу.
Топчу, зборувајќи за безбедноста на Анкара, истакна дека ќе бидат присутни во Македонија, во Бугарија, Косово, Албанија и додаде: „Овие терористички организации каде и да се скријат, каде и да избегаат, како што изјави претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, ‘ќе ги најдеме’, а на местото каде што ќе ги најдеме, ќе ги изделкаме како што се делка кајче“.
Потсетувајќи дека Турција е првата земја што ја призна Р. Македонија, Топчу истакна дека односите меѓу двете земји се на највисоко ниво.
Во своето обраќање, Топчу се осврна и на преговорите меѓу Македонија и Грција околу името, изјавувајќи дека се надева оти проблемот меѓу двете земји ќе биде решен во мир.
Амбасадорката Кара обраќајќи им се на гостите го изрази своето задоволство од организираниот настан по повод Невруз, навестувачот на пролетта.
Заблагодарувајќи им се на сите кои учествувале во организирањето на концертот, амбасадорката Кара рече: „Љубовта и толеранцијата кои му се придаваат на Невруз, претставуваат симбол на мирот и братството меѓу народите. Со тие чувства, им посакувам на нашите сонародници и сите македонски пријатели, да живеат во мир, спокој, среќа, просперитет, богатство и бериќет“.
Генералниот секретар на ТУРКСОЈ, Касеинов, на гостите им го честиташе празникот Невруз и истакна: „Овој празник претставува повторно обновување на телото, каде се испреплетени неговото будење, неговиот отпор, единството и заедништвото.“
Ректорот на универзитетот „Визион“, проф. д-р Фадил Хоџа, истакна дека првиот меѓународен договор го потпишале со Меѓународната организација за турска култура (ТУРКСОЈ), додавајќи дека во рамките на соработката спроведуваат различни активности.