Ivana Ramadanova
12 Април 2018•Ажурирај: 13 Април 2018
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), денеска во Скопје се одржа конференција на тема „Говорот на омраза во медиумите“, јавува Anadolu Agency (AA).
На Конференцијата беше промовирана публикацијата „Регулаторните тела за медиумите и говорот на омраза“, во која се пренесени искуствата и практиките на регулаторите во регионот, како и препораките за справување со ваквите појави.
Според организаторите, податоците на публикацијата се добиени во рамките на најновото истражување за ставовите на публиката што Агенцијата го спроведува секоја година.
Емилија Петреска-Камењарова од АВМУ, на денешната прес-конференција нагласи дека регулаторното тело во текот на изминатиот период ги презело сите потребни активности во однос на говорот на омраза во медиумите, но, како што посочи, не биле преземени потребните дејства, па дури и Агенцијата не добивала повратен одговор.
„Според претходниот Закон за радиодифузна дејност, Агенцијата имаше низа мерки коишто можеше да ги преземе во случај на говор на омраза, од опомена, преку забрана за рекламирање до седум дена, па сѐ до забрана за емитување на самиот програмски сервис од неколку месеци“, истакна Петреска-Камењарова.
Станислав Бендер од Агенцијата за електронски медиуми на Хрватска посочи дека во публикацијата се наведени случаи на говор на омраза во медиумите од регионот, додавајќи дека целта на денешниот настан беше да се разменат лошите искуства за говорот на омраза во медиумите, како и да се разменат мислења на кој начин да се регулира тоа во иднина.
„Не постои универзална дефиниција за говорот на омраза, меѓутоа, дефинициите коишто ги наоѓаме низ Европа се оние коишто се засноваат на препораките на Советот на Европа кога се работи за говорот на омраза“, истакна Бендер.
Публикацијата што беше промовирана на денешната Конференција е изработена од претставници на регулаторните тела од Македонија, Косово, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Словенија.