Балкан

Консултативен форум за прекугранични проекти меѓу Косово и Северна Македонија

„Оваа програма ја финансира ИПА II, инструмент на ЕУ и има вкупен буџет од 8,4 милиони евра, од кои 1,8 милион ќе биде насочен преку овој следен повик преку две главни тематски приоритети...“

Zülfiya Yakup  | 19.03.2019 - Обновена : 20.03.2019
Консултативен форум за прекугранични проекти меѓу Косово и Северна Македонија Фото: Erkin Keçi/AA

ПРИШТИНА (АА) - Министерството за администрација и локална самоуправа на Косово и Министерството за локална самоуправа на Република Северна Македонија, во координација со Канцеларијата на ЕУ на Косово, организираше во Приштина дводневен Консултативен форум, пред почетокот на третиот повик за предлози за прекуграничните проекти меѓу Косово и Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).

На отворањето на Консултативниот форум, Розафа Укимерај, генералниот секретар во Министерството за администрација и локална самоуправа на Косово, изјави дека третиот повик за предлози за прекугранични проекти меѓу Косово и Северна Македонија ќе биде објавен до крајот на овој месец.

Таа истакна дека општините се пресудно важен дел на европската агенда за која прекуграничната соработка е еден од клучните инструменти во движењето кон ЕУ.

„Оваа програма ја финансира ИПА II, инструмент на ЕУ и има вкупен буџет од 8,4 милиони евра, од кои 1,8 милион ќе биде насочен преку овој следен повик преку две главни тематски приоритети. Министерството за локална самоуправа е водечка институција и имаме заедничка оперативна структура и технички секретаријат со Северна Македонија, а соработуваме и со делегацијата на ЕУ и сите тие одат кон тоа да се обезбеди успешен процес на пријавување“, изјави Укимерај.

Мјелма Мехмети-Петерсен, координаторка за прекугранична соработка при Министерството за локална самоуправа на Република Северна Македонија, истакна дека ова е втора програма на прекугранична соработка финансирана од ЕУ и дека се финансираат потенцијалните корисници кои мораат да исполнуваат одредени услови. Таа истакна дека од веќе доделените проекти, некои биле одлично имплементирани, но имало и такви, со чија реализација се доцнело.

„Она што ние како оперативна структура би сакале да го пренесеме како препорака, како информација, на сите заинтересирани актери во врска со имплементацијата на овој проект е да се пристапи кон проектот крајно професионално, да се пристапи кон процесот на поотворен, почесен начин, со посветеност од двете страни на границата“, изјави Мехмети-Петерсен.

Таа истакна дека сличен состанок, од консултативен карактер, овој месец бил организиран и во Скопје со градоначалниците на општините и челниците на различни институции кои имаат право да се пријават на овој повик за предлози.

Мехмети-Петерсен истакна дека проектите кои се пријавуваат треба да бидат иновативни, а не да бидат повторување на претходните проекти. Таа наведе дека во Република Северна Македонија, од 90 пријавени проекти, само 9 добиле фондови, бидејќи сите останати не ги задоволиле критериумите.

При презентацијата на Програмата за прекугранична соработка истакнато е дека таа поддржува три тематски приоритети, првиот е општествено-економскиот развој, вториот е туризмот, културата и природното наследство, додека третиот е во врска со заштитата на животната средина, промовирање на борбата против климатските промени, превенција на ризици и управување со ризици.

Инаку, Програмата има две канцеларии, за Косово во Гњилане, а за Северна Македонија во Куманово.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.