Alma Dekovic
15 Октомври 2021•Ажурирај: 16 Октомври 2021
САРАЕВО (АА) – Претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ), Жељко Комшиќ, денеска во Сараево рече дека сите изјави на неговиот колега Милорад Додик во врска со територијалниот интегритет на БиХ, стануваат предмет на работа на Обвинителството на БиХ, и дека неговите дела претставуваат рушење на уставниот систем на државата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Комшиќ, по состанокот на членовите на Претседателството на БиХ со министерот за европски и надворешни работи на Република Австрија, Михаел Линхарт, во Сараево, рече дека БиХ од приказната за европскиот пат исполнува 14 приоритети, во краток временски период дошла до приказната за сигурност, единство и суверенитет на државата.
„Сѐ што Додик зборува, всушност станува предмет на работа на Обвинителството на БиХ. Тоа ви го зборувам како правник, бидејќи ова што го прави е рушење на уставниот систем на БиХ и со тоа би требало да се занимава Обвинителството, и тоа по службена должност. Ако не биде по службена должност, тогаш ќе биде по кривична пријава“, нагласи Комшиќ.
Тој додаде дека членот на Претседателството на БиХ, Додик, оди во два правци кога е во прашање неговата политичка тактика. Еден е насочен кон домашната јавност, односно на народот на босанско-херцеговскиот ентитет Република Српска, а со другиот на меѓународната заедница „ѝ става до знаење дека тој е фактор и дека таа мора да го прифати тоа што тој го прави“.
„Мислам дека во овој случај, најголемиот дел од меѓународната заедница и ние, на кои ни е до тие цивилизациски вредности, значи не конфликт или каков било судир, сме на иста страна. Додик има проблем и со меѓународната заедница и со нас. Едноставно не сакаме да бидеме дел од неговото лудило, било политичко, било физичко“, рече Комшиќ.
На прашањето дали на Додик ќе му поднесе кривична пријава, Комшиќ рече дека тоа е негова обврска доколку не реагира Обвинителството на БиХ.
„Ова лудило ќе трае сѐ дури споменатиот господин не се вразуми или не земе терапија. Дотогаш ќе трае лудилото, како и секое“, рече Комшиќ.
Додаде дека на овој начин не го споредува целиот народ со поединци или поединечни политики, туку констатира дека Додик ја води Република Српска (РС) во опасна ситуација.
„РС не е место во кое се живее сјајно. Не се живее во цела БиХ, но во РС е најлошо. Ако ви ги пресечат и тие доводи на кислород, односно парите, што ќе правите тогаш? Од кои пари?“, истакна Комшиќ, поставувајќи го и прашањето кој ќе ги исплати платите на војниците кои Додик ги повикува да ги напуштат Вооружените сили на БиХ.