политика, Балкан

Ковачевски - Рама - Вучиќ: ЕУ не го одржа ветувањето

„Ова што се случува е сериозен проблем и сериозен удар врз кредибилноста на ЕУ. Губиме драгоцено време кое реално го немаме на располагање. Северна Македонија и Албанија, но и регионот, не смееме да дозволиме да тапкаме во место...“

Fatjon Cuka, Abdula Berisha  | 23.06.2022 - Обновена : 24.06.2022
Ковачевски - Рама - Вучиќ: ЕУ не го одржа ветувањето Фото: Dursun Aydemir/AA

СКОПЈЕ/ТИРАНА (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во врска со процесот на отворање на преговорите за членството на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ) рече дека францускиот предлог, во формата во каква што е понуден, е неприфатлив, јавува Агенција Анадолија (АА).

На заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ, по средбата со лидерите на ЕУ во Брисел, Ковачевски истакна дека на денешниот Самит на Европската Унија со Западен Балкан изразил незадоволство од динамиката со која се одвиваат процесите за пристап и отпочнувањето преговори.

Ковачевски рече дека Северна Македонија е земја кандидат близу 18 години, и дека преговорите сѐ уште не се започнати.

„Ќе бидам директен уште веднаш. Ова што се случува е сериозен проблем и сериозен удар врз кредибилноста на Европската Унија. Губиме драгоцено време кое реално го немаме на располагање. Северна Македонија и Албанија, но и регионот, не смееме да дозволиме да тапкаме во место поради една земја членка која едноставно не успева да се искоординира и да обезбеди деблокирање на нашиот европски пат“, нагласи Ковачевски.

Тој истакна дека не смеат да дозволат билатералните прашања да станат мултилатерален проблем.

Според него, Северна Македонија направила многу, и како земја донела многу тешки одлуки. Тој рече дека време е ЕУ да ги исполни своите ветувања, пред да даде нови.

Ковачевски упати благодарност до претседателот на Франција, Емануел Макрон, за францускиот предлог, но нагласи дека историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка, и дека предлогот во ваква форма е неприфатлив.

- Рама: „Ова прашање со Бугарија е срамота, една земја членка на НАТО која зема како заложници две други земји членки на НАТО“ -

Премиерот на Албанија, Еди Рама, во врска со процесот на отворање на преговорите за членството на неговата земја во Европската Унија истакна дека ЕУ не го одржала ветувањето.

Иронизирајќи го раководството на ЕУ, Рама рече дека се обидел да каже некои работи на состанокот: „Шарл Мишел ни кажа дека имаме 3 минути и јас му реков дека можело да биде и 30 секунди ако го одржат зборот, но тие не го одржаа зборот.“

„Изразувам длабоко жалење за Европската Унија, жалам за неа и се надевам дека можеме да ѝ помогнеме. Им кажав дека се чувствувам добро и лошо што сум со нив. Се чувствувам добро затоа што сме Европејци, но се чувствувам лошо што сè уште не можеме да бидеме овде како Европејци, туку како пријатели, во заеднички дом. Навистина е нешто многу, многу вознемирувачко што дури ни нападот од една глобална пандемија, трагичниот напад, и ниту ваква заканувачка војна која може да се претвори во трагична глобална војна не може да ги соедини“, рече Рама.

Албанскиот премиер нагласи дека тие веќе направиле и прават за да ја поддржат идејата на францускиот претседател Емануел Макрон за „политичка и стратешка цел што е морално посакувана, а тоа е новата европска политичка заедница“.

„Ние не сакаме војна, ние немаме потреба од конфликт, за прелевање крв и за тензии во нашиот регион, затоа сакаме да одиме напред во насока која сме ја одбрале“, нагласи Рама.

„Ова прашање со Бугарија е срамота, една земја членка на НАТО која ги зема како заложници две други земји членки на НАТО“, додаде тој.

„За нас Европа е вера, за нас Европа не е Брисел, така што Албанците ќе продолжат“, додаде Рама.

- Вучиќ: „Скопје и Тирана ги исполнија условите, заслужија отворање на преговорите“ -

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, чија земја официјално ги отвори преговорите за членство во ЕУ од јануари 2014 година, рече дека Скопје и Тирана заслужиле отворање на преговорите.

Вучиќ нагласи дека отворањето на преговорите за Северна Македонија и Албанија не е едноставно само молба, туку е нешто што е неопходност, бидејќи, според него, двете земји ги исполниле условите.

Српскиот претседател упати апел за поголема регионална соработка, укажувајќи на иницијативата „Отворен Балкан“, за која рече дека е иницијатива на трите балкански земји.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.