Husamedin Gina
24 Јуни 2022•Ажурирај: 25 Јуни 2022
СКОПЈЕ (АА) – Вицепремиерот за евроинтеграции на Северна Македонија, Бојан Маричиќ, истакна дека францускиот предлог за отворање на преговорите за членството на Северна Македонија во Европската Унија е во форма на работна верзија, и дека откако ќе стигне официјалниот предлог до институциите на земјата, со него ќе бидат запознаени коалициските партнери, Владата и Собранието, јавува Агенција Анадолија (АА).
Заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Маричиќ, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска одржаа брифинг за медиумите во Владата.
Маричиќ потенцира дека откако ќе дојде официјалниот француски предлог со него ќе бидат запознаени сите релевантни институции во државата.
„Во моментот кога ќе добиеме каков било официјален предлог, тој ќе биде секако доставен на разгледување и во Владата и кај коалициските партнери на Владата и се разбира, во некаква форма ќе бидат консултирани и Собранието и Комисијата за надворешни работи“, рече Маричиќ.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, нагласувајќи дека сѐ уште не знае каква резолуција донел бугарскиот Парламент на денешното гласање, рече дека досега, пред сѐ, имало работна верзија неусогласена помеѓу двете земји, а потоа и од земјите членки и дека француското Претседателство, врз основа на овие две официјални формални позиции треба да донесе конечен предлог.
Во однос на тоа дали ќе кажат „да“ или „не“ за некој предлог, министерот Османи нагласи:
„Три прашање се важни за тоа дали ние можеме да кажеме „да“ или „не“ на некој предлог. Тоа е прашањето за јазикот, прашањето за исклучување на историските интерпретации како дел од процесот на преговори и третото е односот помеѓу промената на Уставот и почетокот на преговорите.“
На новинарско прашање дека штом Северна Македонија не доби датум за започнување на преговори со Европската Унија (ЕУ), дали ќе се сноси одговорност за тоа, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, рече дека прашањето за успех е релативно прашање.
„Прашањето за успех е релативно, зависи што значи успех. Дали е заштита на интересите на државата, на државните позиции, или нешто друго. Ние не го квалификуваме ова прашање како црно-бело прашање на успех и неуспех, ова е наша безалтернативна борба да станеме членка на Европска Унија, притоа запазувајќи ги државните интереси и интересите на граѓаните“, нагласи Османи.
Министерот, исто така, додаде дека Северна Македонија еден ден ќе стане членка на Европската Унија, но со заштитени државни и национални интереси.