Балкан

Ковачевски за францускиот предлог: „Позицијата во која денес се наоѓаме е далеку поповолна за нас“

Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во врска со францускиот предлог за надминување на разликите меѓу Скопје и Софија, изјави дека предлогот го смета за солидна основа за градење сериозен и одговорен однос

Abdulbesar Ademi  | 01.07.2022 - Обновена : 03.07.2022
Ковачевски за францускиот предлог: „Позицијата во која денес се наоѓаме е далеку поповолна за нас“ Фото: Влада на РСМ

СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во врска со францускиот предлог за надминување на разликите меѓу Скопје и Софија, што веројатно ќе овозможи почеток на пристапните преговори на земјата со Европската Унија (ЕУ), изјави дека предлогот го смета за солидна основа за градење сериозен и одговорен однос кон можноста што ѝ се отвора на земјата, пренесува Агенција Анадолија (AA).

Премиерот Ковачевски, по средбата со партнерите од владината коалиција информира дека францускиот предлог е официјално пристигнат и дека ќе следува широк процес во кој тој ќе биде разгледан со претседателот на државата, опозицијата, како и со невладиниот сектор. Тој додаде дека за да се изгради официјален став на државата, со денешната средба започнува обемен процес на консултации.

„Позицијата во која денес се наоѓаме е далеку поповолна за нас; нашата позиција и стратегија дадоа резултат. Пред нас имаме предлог кој ги инкорпорира нашите забелешки и јасно изразени ставови. Предлогот го гледаме како солидна основа за градење сериозен, одговорен и државнички став за можноста која се отвора за нашата земја. Како Влада доследно се држевме до државните позиции во однос на преговорите со Бугарија во секој поглед, го штитевме националниот интерес и македонскиот национален идентитет“, изјави премиерот Ковачевски.

Тој нагласи дека во европскиот предлог има јасно дефинирани позиции за прифаќање на македонскиот јазик, како и дека протоколот не треба да биде во рамките на преговорите.

„Нашата позиција за понатамошно безусловно отпочнување на преговарачкиот процес и одржување меѓувладина конференција со Европската Унија е инкорпорирана во предлогот којшто ни е доставен. Би сакал да повторам дека имаме план и стратегија кои даваат резултат“, рече Ковачевски.

Понатаму, Ковачевски изјави дека на денешната средба, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, го образложиле процесот и предлогот, по што коалициските партнери ќе го разгледаат и ќе дадат свое мислење.

Францускиот предлог за укинување на бугарското вето и почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ веднаш по состанокот на коалициските партнери е објавен на веб-страницата на Владата.

Премиерот Ковачевски повика на одговорност и од сите релевантни чинители во општеството, бидејќи, како што рече, шпекулациите за важни државни и национални прашања никому не му одат во корист.

Потсетуваме дека Северна Македонија доби статус на земја кандидат за ЕУ ​​во 2005 година, но поради противењето на Грција земјата да биде прифатена под уставното име, процесот на интеграција на земјата во ЕУ беше одолговлечен.

По постигнувањето на Преспанскиот договор со Грција, со кој земјата го смени уставното име, Северна Македонија беше заложник и на нејзиниот источен сосед Бугарија, со која потпиша Договор за добрососедство во 2017 година. Меѓутоа, остана нерешен спорот околу заедничката историја на двете земји, поради што Бугарија не ја одобри преговарачката рамка на Северна Македонија со ЕУ, бидејќи таа не ги одразува бугарските барања за македонскиот јазик и бугарското малцинство во Северна Македонија.

Во март 2020 година, земјите членки на ЕУ се согласија да започнат пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Коалициската Влада на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов до ЕУ достави документ во кој се нагласуваат условите што Владата на Северна Македонија мора да ги исполни. Подоцна, во ноември 2020 година, Бугарија стави вето на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.