Bekim Laci
17 Септември 2018•Ажурирај: 18 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - „Армијата на Република Македонија (АРМ) може да смета на италијанската помош за време на нејзината трансформација во НАТО“, рече во Скопје министерката за одбрана на Италија, Елизабета Трента, по средбата со нејзината македонска колешка, Радмила Шекеринска, јавува Anadolu Agency (AA).
Италијанската министерка за одбрана истакна дека моментално се наоѓа на балканска турнеја која ја започнала од Скопје поради многу важниот момент во кој се наоѓа земјата, поради нејзината иднина што се базира на Договорот од Преспа со Грција, кој ќе ги овозможи евроатлантските членства.
Трента нагласи дека Италија е убедена оти заедничката иднина на двете земји е во евроатлантскиот сојуз, каде што доминираат демократските принципи, владеењето на правото и заемната солидарност.
„За време на средбата со колешката Радмила, уште еднаш ја потврдив заложбата на италијанската Влада за евроатлантските аспирации на Македонија, кои се пат којшто земјата го има определено уште од порано, а во врска со воената соработка можам да кажам дека вооружените сили на Македонија секогаш може да сметаат на италијанската помош за време на трансформацијата и модернизацијата во рамки на 'Strategic Defence Review' “, рече таа.
Министерката Шекеринска упати благодарност до министерката Трента за постојаната и искрена поддршка на Италија за Македонија, особено во ваквите моменти, во кои се определува судбината на регионот.
Шекеринска истакна дека на последниот самит на НАТО, земјата одблиску го почувствува тоа што значи поддршката на помоќните земји.
„Сега сме поблиску до Алијансата од било кога порано, сега успеавме во напорите во напорите кои во 2008 година не вродија со плод. На потег се македонските граѓани кои ќе ја потврдат својата недвосмислена определба за ова моќно сојузништво“, рече Шекеринска, која осврнувајќи се на соработката со Италија, додаде дека оваа соработка секогаш унапредува, при што Македонија ќе го зголеми бројот на војниците во мисиите на ОН во Либан, UNIFIELD со два офицери, поточно во италијанскиот контингент, „со што Италија докажува дека верува во нашите воени способности."