Admir Fazlagic
11 Мај 2021•Ажурирај: 12 Мај 2021
СКОПЈЕ
Исламската верска заедница (ИВЗ) на Република Северна Македонија реагираше против нападите на израелските сили врз џамијата „Ал-Акса“ и муслиманските верници во Кудс (Ерусалим), пренесува Агенција Анадолија (АА).
„ИВЗ на РСМ внимателно ги следи неодамнешните настани во Кудс (Ерусалим), така што чувствуваме длабока загриженост за нападот, насилството на израелските полициски сили врз светиот храм на џамијата Ал-Акса и верниците, напади што предизвикаа десетици жртви“, се вели во реакцијата.
„Во овие денови на Рамазан, ИВЗ на РСМ изразува длабоко жалење што нападите врз храм, како што е џамијата Ал-Акса, и верниците се неприфатливи од каква било вера, бидејќи тие се нехумани и антицивилизациски акти што не се засновани врз принципите на мирот и меѓународните конвенции за неповредливоста на светите храмови на која и да е вера. Затоа, остануваме убедени дека што е можно поскоро меѓународните фактори ќе интервенираат за да се воспостави мир и спокој, да се запре тажното насилство врз светата џамија Ал-Акса, верниците и пошироко“, се истакнува во реакцијата на ИВЗ во која се додава:
„Го молиме Семоќниот Алах, мирот да надвладее насекаде во светот за доброто и перспективата на целото човештво.“
Министерството за здравство на Палестина соопшти дека билансот на смртно настрадани во израелските напади врз Газа се зголемил на најмалку 24 лица, а дека се повредени 103 лица.
Палестинците во Кудс веќе неколку денови протестираат поради израелските рации и судските одлуки за протерување на палестинските семејства од квартот Шеик Џарах. Ситуацијата ескалираше откако израелските сили со нападот се обидоа да ги растераат верниците од комплексот „Ал-Акса“.