АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, кој престојува во официјална посета на Република Турција по средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, одржаа и заедничка прес конференција, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Иванов истакна дека со неговиот турски колега, претседателот Ердоган имале конструктивен разговор. „Со оваа официјална посета уште еднаш се потврди фактот дека вие сте голем пријател на Република Македонија и нејзините граѓани. Република Македонија негува традиционално пријателски односи со Република Турција и динамиката на нашите средби е доказ за нашето пријателство и за меѓусебната соработка што ги имаме како две земји и како два народи", истакна Иванов.
- Благодарност до Турција за принципиелната поддршка на Македонија на патот кон зачленување во НАТО -
Иванов додаде дека со турскиот претседател Ердоган разговарале за внатрешните политички прашања на две земји, за актуелни состојби во регионот, но и за прашања од надворешно политичкиот интерес на Република Македонија и она што е од интерес на Република Турција. Во однос на стратешките цели и приоритети на Република Македонија, претседателот Иванов се заблагодари за долгогодишната принципиелна и безрезервна поддршка и особено за начинот на кој Република Турција ја поддржува Македонија, на нејзиниот пат кон полноправно членство во НАТО.
„Токму во таа насока е Договорот за стратешко партнерство меѓу Република Македонија и Република Турција кој останува цврста основа за понатамошно продлабочување на односите и зајакнување на соработката меѓу двете пријателски земји. Тука не можам да не ја спомнам финансиската и логистичката поддршка која Турција и ја доделува на Армијата на Република Македонија и тоа секоја година, што исто така ние високо го цениме", истакна Иванов.
Претседателот на Македонија порача дека очекува конструктивна поддршка и лобирање за членство на Македонија во НАТО, од земјите членки на оваа алијанса.
„Деблокадата на интегративните процеси е клучна за долгорочната стабилност и безбедност на целиот регион. Во наредниот период очекуваме конструктивна поддршка, помош и отворено лобирање за членство на Република Македонија во Алијансата од страна на нашите пријатели, земји-членки на НАТО. Поканата за членство ќе биде дополнителен поттик за националните, реформски процеси и ќе претставувува позитивен пример во регионот", порача Иванов.
- Благодарност до Турција за принципиелниот став за решавањето на спорот околу името -
Тој упати благодарност, за, како што рече, принципиелниот став на Република Турција за решавањето на билатералниот спор кој Република Грција го има со Република Македонија и се однесува на уставно име на Република Македонија.
„Во 21 век недозволено е сувереното право на самоопределување на една држава да биде оспорувано од која било друга држава. Разликата околу името треба да се решава во рамки на Обединетите нации и во рамка дефинирана со Повелбата на ОН, Резолуција на Советот за безбедност на ОН, времената спогодба што ја имаме со Грција, но и со пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 2011 годна", рече Иванов и подвлече:
„Задирањето во прашањата како што е идентитетот, јазикот и уставот на Република Македонија, не придонесува, туку напротив, го отежнува процесот за изнаоѓање на решенија. Ме радува фактот што претседателот Ердоган и при оваа посета и при оваа негова изјава искажа целосно разбирање за нашите ставови по однос на оваа тема и стои на македонската страна."
Претседателот Иванов се осврна и на безбедносните предизвици со кои се соочува целиот регион и информираше дека со турскиот претседател Ердоган се согласиле дека од особено значење е зајакнување на соработката меѓу полициски служби и разузнавачки агенции на двете земји на ова поле.
- „Свесни сме кое зло ѝ е нанесено на Турција од страна на ФЕТО" -
На прес кофнерецијата, претседателот Иванов се осврна на борбата која ја води Република Турција против терористичките оргнизации.
„Ги следиме сите акции што ги презема Република Турција. Свесни сме кое зло ѝ е нанесено на Турција од терористички организации, особено од организацијата ФЕТО и ние уште на самиот почеток како држава го кажавме нашиот став и поддршка за сите легитимно избрани институции во Република Турција. Суверено право е на Турција да ги заштити граѓаните и границите од сите форми на тероризам", истакна Иванов.
Меѓу другото, македонскиот претседател посочи дека Република Турција во Македонија е присутна преку институционална поддршка и помош, наведувајќи ги институциите ТИКА (Турска агенција за координација и соработка) и Институтот „Јунус Емре", како едни од највидливите примери.
Иванов се осврна и на економската соработка помеѓу Македонија и Турција, истакнувајќи дека таа треба да биде зголемена. „Се согласивме дека економската соработка треба да го следи примерот на одлични односи и во таа смисла двете земји треба да се стремат кон достигнување на високо ниво на трговска размена, цел која е амбиционзна но и достижна", рече Иванов и упати благодарност за досегашни турски инвестиции во Макеоднија и изрази очекување интересот на турските инвеститори да биде проширен и во други сектори.
Потсети дека турската етничка заедница во Република Македонија и македонските иселеници во Турција се мост кој ги зближува Македонија и Турција.
„Да посетам на нешто што е особено важно за зачувување на блиските односи меѓу нашите две пријателски земји, а тоа се лојалните граѓани, припадници на турската заедница во Македонија и македонските иселеници во Турција, во духот на традицијата на меѓусебно почитување и разбирање, тие се мост кој секојпат ги зближуваат нашите две земји и нашите односи меѓу нашите два народи", изјави Иванов.
На крајот, претседателот на Република Македонија упати искрена благодарност за поканата и како што рече, конструктивниот разговор кој го имал со турскиот претседател Ердоган и изрази очекување на негова возвратна посета на Македонија во мај месец оваа година.