Vesna Besic
11 Јули 2023•Ажурирај: 12 Јули 2023
ПОТОЧАРИ (АА) - Претседавачот на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, денес во Поточари, каде што ќе се одржи погребот на 30 жртви на геноцидот, изјави дека „геноцидот во Сребреница не е прашање на чие било мислење и дека тоа претставува историски факт“, јавува Анадолу.
„Денес е 28-годишнина од геноцидот врз Бошњаците во зоната што го носеше називот 'безбедна и заштитена зона на ОН', што од оваа перспектива изгледа многу парадоксално бидејќи тие ниту беа заштитени ниту зачувани. Геноцидот во Сребреница не е прашање на чие било мислење, тоа е историски факт. Геноцид е пресуден на меѓународните и домашните судови и секако пресудите мора да се извршуваат и почитуваат“, рече Звиздиќ.
Тој посочи: „Ќе се сеќаваме и ќе ја пренесеме вистината за геноцидот во Сребреница.“
„Никогаш нема да им простиме на оние што планираа и извршија геноцид, а секако не и на оние што продолжуваат да го негираат или кои ги слават и величаат воените злосторници“, нагласи Звиздиќ.
Тој потсети дека пред неколку години високиот претставник во Босна и Херцеговина донел закон со кој се забранува негирање на геноцидот.
„За жал, во последните две години речиси ниту еден предмет не е поднесен пред Обвинителството на Босна и Херцеговина. Очекуваме Обвинителството да си ја заврши работата или високиот претставник да го измени постојниот закон за подобра правна основа. Затоа ниту ние ниту меѓународната заедница нема да го заборави геноцидот во Сребреница. Очекувам од неа 11 јули да го прогласи за меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница“, појасни Звиздиќ.
Денес на гробиштата на Меморијалниот центар во Поточари ќе бидат погребани посмртните останки на 30 жртви на геноцидот извршен во јули 1995 година врз жителите на „заштитената зона на ОН“ во Сребреница.
На гробиштата на Меморијалниот центар во Сребреница - Поточари погребани се 6.721 жртва на геноцидот извршен од тогашната војска на Република Српска под команда на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ врз Бошњаците во 1995 година во Сребреница. Сѐ уште се трага по околу 1.000 жртви на геноцидот.