Dzihat Aliju,Abdula Berisha
01 Април 2021•Ажурирај: 04 Април 2021
СКОПЈЕ
Додека светот е под влијание на новиот бран на пандемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19), поголемиот дел од земјите од Западен Балкан се соочуваат со тешкотии во врска со снабдувањето со антиковид-вакцините, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со исклучок на Србија и Албанија кои започнаа со масовна вакцинација на граѓаните, другите земји речиси успеале да ги вакцинираат само здравствените работници и сега се подготвуваат за вакцинација на граѓаните.
- Србија
Србија се наоѓа на чело на земјите во регионот, но е и една од најуспешните земји во Европа што се однесува до снабдувањето со вакцини и вакцинирањето на своите граѓани.
Србија досега обезбедила над 2,3 милиони дози вакцини на различни производители, и до вчера во земјата се вакцинирале 1.435.000 лица со првата доза, додека 1.017.000 лица ја примиле втората доза вакцина.
Државниот секретар во Министерството за здравство на Србија, Мирсад Џерлек, соопшти дека Србија во текот на април ќе купи милиони вакцини од компаниите „БајоНТех“/„Фајзер“, „Спутник ве“, „Синофарм“ и од програмата Ковакс на Светската здравствена организација (СЗО).
Покрај на своите граѓани, Србија овозможи вакцинација на стотици илјади граѓани на земјите од регионот кои отпатуваа во Србија за да се вакцинираат.
- Албанија
Моментално во Албанија се обезбедени 282.000 вакцини, вклучувајќи ја кинеската вакцина на „Синовак“, вакцината на „АстраЗенека“ од механизмот Ковакс, вакцината од договорот со компанијата „БајоНТех“/„Фајзер“ и вакцината на „Спутник ве“, која е донација на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).
Според здравствените власти, во земјата од почетокот на вакцинацијата во јануари се аплицирани вкупно 138.846 дози вакцини против Ковид-19.
- Црна Гора
Црна Гора досега обезбедила вкупно 68.000 вакцини, од кои 30.000 се на кинеската компанија „Синофарм“, 14.000 дози се на руската „Спутник ве“ и 24.000 дози се на „АстраЗенека“ преку програмата Ковакс.
До 28 март во земјата се вакцинирани 17.746 граѓани или 2,9 отсто од населението.
- Северна Македонија
Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, денеска за време на настанот за примање на 40.000 вакцини на „Спутник ве“ од Србија, истакна дека досега во земјата пристигнале 78.100 дози вакцини.
Заев рече дека пред сѐ, од Србија биле обезбедени 8.100 вакцини на „БајоНТех“/„Фајзер“, а потоа во земјата пристигнале 6.000 вакцини на „Спутник ве“ од Русија.
Во Северна Македонија исто така пристигнале 24.000 вакцини на „АстраЗенека“ од програмата Ковакс, додека денеска се примени 40.000 други вакцини на „Спутник ве“ како донација од Србија.
Според официјалната страница за информирање во врска со вакцинацијата, во Северна Македонија досега се вакцинирани 7.735 лица.
- Босна и Херцеговина
Во Босна и Херцеговина преку програмата Ковакс пристигнале 23.400 дози вакцини на „БајоНТех“/„Фајзер“ и 26.400 дози вакцини на „АстраЗенека“.
Република Српска обезбедила 42.000 дози вакцини на „Спутник ве“, додека Србија ѝ донирала на Босна и Херцеговина 10.000 дополнителни дози.
Меѓу другото, Босна и Херцеговина на 28 март прими 30.000 дози вакцини на „Синовак“, кои ги вети претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.
Според податоците обезбедени од Институтот за јавно здравје на Федерацијата Босна и Херцеговина, до 23 март се вакцинирани вкупно 7.258 лица, вклучувајќи 7.036 здравствени работници и 222 други лица, додека Република Српска сѐ уште нема централен регистар за вакцинираните лица.
- Косово
На 28 март, преку програмата Ковакс Косово прими 24.000 дози вакцини на „АстраЗенека“, дел од 100.800 дози вакцини, кои Косово ќе ги добие бесплатно од програмата Ковакс.
Според последните податоци на Националниот институт за јавно здравје на Косово, досега во земјата се вакцинирани 679 лица.