Furkan Abdula
01 Април 2021•Ажурирај: 02 Април 2021
СКОПЈЕ
Потпретседателот на Владата на Северна Македонија задолжен за европски прашања, Никола Димитров, во рамки на посетата на Хрватска се состана со премиерот на оваа земја, Андреј Пленковиќ и со министерот за надворешни работи, Гордан Грлиќ-Радман, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Владата на Северна Македонија, по посетите на Германија и Словенија, Димитров оствари посета на Хрватска, во чии рамки во Загреб денеска оствари средба со Пленковиќ и со Радман.
Се истакнува дека на оваа средба се разговарало за очекувањата и изгледите за придвижување на пристапниот процес за Северна Македонија, како и за домашните реформи и билатералната соработка.
„Токму овде, во Загреб, пред две декади ја парафиравме Спогодбата за стабилизација и асоцијација со која започна нашиот евроинтеграциски пат“, истакна Димитров, се вели во соопштението.
„Пријателска Хрватска била и останува еден од нашите најголеми поддржувачи во процесот на пристапување, а нејзините заложби и посветеност се потврдија и за време на претседателството со Унијата кога, во март 2020 година добивме зелено светло за почеток на преговорите“, додаде тој.
„Со премиерот Пленковиќ заеднички констатиравме дека е потребно што е можно побрзо да се постигне консензус за преговарачката рамка и да се одржи првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија. Крајно време е оваа одлука да стане реалност“, нагласи Димитров.
Исто така, во соопштението се вели дека соговорниците се осврнале и на тековната билатерална соработка која вклучува и конкретна поддршка за јакнење на националните административни капацитети за усогласување на законодавството со правото на ЕУ, како и на споделувањето на хрватските искуства за унапредување на координативните механизми и преговарачката структура.