Admir Fazlagic
18 Октомври 2018•Ажурирај: 19 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, денеска изјави дека разговарал со неговиот грчки колега Алексис Ципрас, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Заедно со премиерот Алексис Ципрас остануваме целосно посветени на перспективите на новиот Балкан на 21 век. Балкан во кој ќе се гради пријателство, во кој ќе се унапредува соработката, каде што ќе придонесуваме за подобар економски раст и раст на нашите земји, на посреќни граѓани и секако на зголемена трговија, нови инвестиции и подобар економски стандард на граѓаните и на Македонија и на Грција“, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање за вчерашниот телефонски разговор со неговиот грчки колега, по вчерашната оставка на министерот за надворешни работи, Никос Коѕијас.
Премиерот рече дека неговиот грчки колега, Ципрас, го информирал за случувањата кај нив и дека тој останува посветен на договореното и дека ја презема и функцијата министер за надворешни работи, заради гаранција дека ќе се реализира Договорот од Преспа.
„Јас сум среќен поради целосната посветеност на Република Грција кон овој договор. Можам да ја потврдам и нашата целосна посветеност. Негувам надеж дека утре Парламентот ќе собере сили, дека пратениците ќе се одважат и охрабрат, затоа што, пред сè, се претставници на граѓаните, а потоа на политичките партии, и ќе се исправат пред историската одговорност, пред оваа непропустлива шанса за Македонија. Конечно да дадат глас, потенцирам, за потврдување на потребата за отварање на уставните промени“, рече премиерот Зоран Заев.