Aida Cako,Admir Fazlagikj
30 Мај 2018•Ажурирај: 31 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, во присуство на министрите во Владата одржа прес-конференција по повод првата годишнина од нивното работење, истакнувајќи дека во текот на изминатата година Владата се вложила да направи промени со кои Македонија ќе биде земја за сите нејзини граѓани, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Заев во своето обраќање рече дека Македонија сега е отворена, праведна и стабилна земја на столбовите за економски раст, реформи, услужни институции, на столбот на едно општество за сите, и стратешките интереси, членството во НАТО и ЕУ.
Меѓу другото, премиерот Заев посочи дека во сите области се направени напори за реформи, со цел обезбедување поквалитетен живот за граѓаните. Во тој контекст истакна дека се повисоки платите и оти се донесени мерки за економски раст, односно дека 90.000 граѓани земаат повисока плата, а просечната плата е повисока за 5,6 %, во споредба со истиот период минатата година.
Тој истакна дека ова е година на финансиска стабилизација на земјата и дека за една година има 16 странски инвестиции од вкупно 200 милиони евра.
Премиерот Заев го спомена и Законот за употреба на јазиците за кој рече дека ќе ја прошири употребата на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните согласно Уставот, за да можат граѓаните да комуницираат на својот мајчин јазик со институциите, со што ќе ги остварат своите уставни права.
За стратешките определби на Република Македонија, членството во НАТО и ЕУ, премиерот Заев рече дека земјата чекори кон создавање праведна и економски силна држава и го напомена решевањето на спорот околу името помеѓу Македонија и Грција.
„Владата на Република Македонија ги продолжува разговорите со Владата на Р Грција, никогаш не сме биле поблиску до решение, а пријателството меѓу двете земји и двата народи никогаш не било поголемо. Македонскиот јазик е потврден, идентитетот наш македонски е потврден. Не е лесно ова прашање, но на Македонија ѝ треба лидерство да исчекори напред, а не само празни зборови“, рече Заев.
Тој наведе дека во однос на прашањето за името ќе се одржи референдум, за да, како што рече, граѓаните го имаат конечниот глас за ова прашање.
„Сите знаеме дека Македонија по решавање на спорот околу името станува членка на НАТО. Решаваме 25-годишен спор којшто земјава ја влечеше надолу. Тргнавме конечно напред. Денес Македонија е пријател со соседите, со сите пет. По потпишувањето на договорот за пријателство со Бугарија, трговијата меѓу двете земји порасна за 11,5 %. Ова е потврда дека регионот не смее да си дозволи нов циклус на враќање назад“, истакна Заев.
Осврнувајќи се на евроинтегративниот процес на Македонија, Заев рече дека темелните реформи се признаени, препознаени од цела Европа и од сите земји членки на ЕУ заради што Европската комисија предложи кристално чиста безусловна препорака за почеток на преговорите за Република Македонија.
Запрашан за решавање на спорот околу името помеѓу Македонија и Грција, Заев рече дека сè уште нема ништо договорено, односно дека се договорени само принципи и начела за договорот што е правно формален аспект на самиот договор.
Заев информираше дека следува разговор помеѓу него и грчкиот премиер Ципрас, наведувајќи дека очекува да се направи исчекор кој е многу значаен.
На новинарско прашање зошто пред референдумот ќе треба да се ратификува договорот во Собранието со 61 пратеник, премиерот Заев рече дека тоа е со цел да може Грција да испрати писмо до НАТО и Македонија да добие покана.
„Ратификацијата на договорот е нешто зад што застануваат двете влади и веројатно парламентарното мнозинство, а се надевам дека тоа ќе биде многу големо мнозинство, заедно со опозицијата. Но, секако сите треба да знаат дека конечен е референдумот. Крајот на септември, почетокот на октомври, веројатно е соодветното време. Ќе се договориме сите чинители во државата кога да се одржи тој референдум и преку него граѓаните ќе ни ги дадат насоките“, одговори Заев.