Admir Fazlagic, Husamedin Gina
26 Август 2020•Ажурирај: 26 Август 2020
СКОПЈЕ
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и мандатар за состав на новата Влада, Зоран Заев, денеска до Собранието ја достави предлог-програмата за работа и предлог за состав на новата Влада на Република Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
По тој повод, пред Собранието Заев одржа прес-конференција на која го претстави својот предлог за новата Влада и одговараше на новинарски прашања.
На прашањето на новинарот на АА да го прокоментира писмото на Сојузот на турските невладини оганизации во Северна Македонија (МАТУСИТЕБ) во кое се изразува незадоволство што во предложениот список за министри во новата Влада нема припадник на турската етничка заедница, Заев рече:
„Во делот на селекцијата на кандидатите, што јас како мандатар го имам како право да можам да го предложам до Парламентот, се водев од сите можни аспекти, но најважниот е квалитетот на кандидатот и мојата лична верба од самиот старт, заедно со сите наши коалициони партнери да извлечеме максимум. Застапеноста на помалубројните етнички заедници ќе ја има по сите институции, од заменици-министри, државни секретари, раководоители на новите директорати коишто ќе бидат посветени на конкретни проблематики, раководители на големите сериозни институции од кои некои од нив носат и поголема одговорност од некои од министерствата, така што комплетната застапеност, мултиетнички, како што сме поставени како држава, ќе биде секако вградена внатре во самите институции.“
На дополнителното прашање дали во врска со овие прашања разговарал со двајцата пратеници припадници од турската заедница коишто се дел од коалицијата предводена од СДСМ, Заев одговори:
„Секако, сите се борат за свои кандидати, логично, но ние сме една коалиција од 25 политички партии, а имате 19 министри, и во такви околности, согласно определбата на граѓаните да дадат гласови и мандати, нормално е нешто кон коешто мораме да се водиме, територијалната застапеност исто така, рамноправната родова застапеност со тенденција колку што може да има повеќе жени, исто така. Верувам дека на крајот на денот, тоа што е приближно засега начелен договор, ќе биде соодветно издејствувано и од пратениците и од турската заедница, и од српската, и од бошњачката, и од влашката, и од ромската и од сите други наши помалубројни заедници во државата да бидат соодветно застапени. Ќе ги видите веќе во позициите на заменици-министри, во позициите на носители на високи државни функции, како државни секретари, директори на значајни институции, така што ќе имаме навистина рамноравна и еднаква вграденост.“
Во контекст на прашањето, Заев додаде дека кога Владата броела 27 луѓе заедно со премиерот, тогаш имало и поголема можност за застапеност, но искуството покажало дека не треба да се измислуваат министерски места за да биде задоволен поединец, туку дека Владата постои за граѓаните, при што изрази верување дека организационата поставеност на предложената влада подобро ќе им служи на сите заедници кои живеат во Република Северна Македонија.
Потсетуваме, Сојузот на турски невладини организации во Република Северна Македонија (МАТУСИТЕБ), во отворено писмо до претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и мандатар за состав на новата Влада истакна незадоволство поради фактот што ниту еден припадник на турската етничка заедница не е на списокот со имињата на министрите кои ќе бидат дел од Владата.
„Фактот дека Турците не се застапени на министерско ниво во Владата на оваа мултирелигиозна, мултикултурна и мултиетничка земја предизвикува појава на чувства на исклученост и дискриминација кај турската заедница во Република Северна Македонија“, се вели во отвореното писмо на МАТУСИТЕБ упатено до Заев.
Во писмото се наведува дека Турците во Република Северна Македонија имаат силна врска со оваа земја и се еден од најважните основни елементи на оваа држава.