Admir Fazlagic
05 Септември 2017•Ажурирај: 06 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска одржа прес конференција по повод поминатите сто дена од формирањето на Владата на која истакна дека резултатите што ги претставива се постигнати после една исклучително сложена и кризна ситуација во државата, од која како победници излегоа граѓаните, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ова се резултати кои се постигнати после една исклучително сложена и кризна ситуација во нашата земја. Од таа ситуација како победници излегоа граѓаните. Влеговме во нова фаза, во која создаваме еден сосема нов политички амбиент во кој доминираат транспарентноста, одговорноста, отчетноста и разумните политики од интерес за сите граѓани", рече Заев додавајќи дека во овие 100 дена Владата се водела според пет принципи, пет зададени обврски и важни одредници.
„Да ги вратиме парите кај граѓаните, да обезбедиме економски развој за подобар живот, да им дадеме пријателско лице, да ги направиме институциите во служба на граѓаните, во сите наши одлуки граѓаните да препознаваат отворена и реформска влада, и да ја промовираме нашата земја Македонија како пријател на соседите, која цврсто чекори на патот кон Европската унија и НАТО", истакна тој.
Оваа влада, рече Заев, има намера и цврста определба да се однесува домаќински со парите на граѓаните.
„Само со кратење на премиерскиот буџет обезбедивме 420 милиони денари. Заедно со другите ослободени средства од ваквиот пристап, реализираме програми кои ќе се остварат со враќање на парите кон граѓаните со услуги, привилегии и конкретни акции. Обезбедивме дополнителни 1245 милиони денари во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за да се обезбеди непречена исплата на пензиите и трошоците за вториот пензиски столб, и уште 200 милиони денари за исплата на сите загарантирани социјални трансфери на граѓаните", рече претседателот на македонската влада.
Заев потсети дека една од мерките со кои се скратуваат трошоците на граѓаните е и враќањето на ефтината тарифа на струјата.
„Сите овие одлуки на владата на кои досега потсетив, направени за само 100 дена, се одлуки кои се реално одржливи и кои се спроведуваат врз основа на реални параметри и политики за економски развој и за подобар живот", потенцираше Заев.
- Спорот околу името со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија
Премиерот Заев оцени дека има поголеми перспективи за решавање на прашањето за името, заради воспоставените пријателски односи со Грција.
„Убеден сум дека денеска има и тоа како поголеми перспективи за решавање на ова чувствително прашање, проблемот којшто Република Грција го има со нашето уставно име. Зошто, заради пријателскиот однос", истакна Заев одговарајќи на новинарско прашање. Посочи дека во однос на ова прашање се градат пријателски односи.
„Еве се случија двете посети на министрите за надворешни работи на нашиот на Атина и на грчкиот министер за надворешни работи на Скопје. Навистина на двете средби пријателскиот однос е создаден. Е тоа не е решение, но еден чекор е направен. Верувам дека под медијаторство на медијаторот Метју Нимиц, но и дека во декември, јануари и фервруари веќе ќе имаме нови решенија за разгледување на овој проблем", истакна Заев.
Според неговите зборови Република Македонија стана посакуван партнер, партнер со кој вреди, со кој треба, и на кој може да се смета во предизвиците на меѓународната, на регионалната или на меѓусоседската политика.
„Потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Македонија и Бугарија покажа дека таму каде што има политичка волја и идеја за прогрес, прашањата ќе се решат. Oвој договор е инспирација и модел за соработка за регионот и пошироко. Тоа е така, зашто оваа влада се определи да води политики на решенија, а не на проблеми", потенцираше македонскиот премиер.
Тој се осврна и на Самитот на Западен Балкан во Трст, во рамките на Берлинскиот процес, со поддршка на Европската Унија, на кој како што рече, Македонија проактивно учествуваше во иницијатива која ќе ја смени сликата, историјата, но и економијата и стандардот на граѓаните во земјите на регионот.
Премиерот Заев посочи дека Планот 3-6-9 ја враќа Македонија на брзата трака во евроинтеграциските процеси за да Република Македонија биде промовирана како пријател на своите соседи, земја која цврсто оди по патот кон НАТО и ЕУ.
„Во овие 100 дена, немаше ден без средба со нашите пријатели од меѓународната заедница. Сите наши партнери и пријатели ни дадоа безрезервна поддршка. Сите ја препознаа нашата определба и цел: Македонија да биде прифатена, да се гледа на неа како на пријател, на патот кон НАТО и Европската Унија", подвлече во својот говор претседателот на Владата на Република Македонија.
Владата на Република Македонија започна со работа на 1 јуни оваа година.