Ekipa
21 Јуни 2017•Ажурирај: 22 Јуни 2017
ПОДГОРИЦА / БЕЛГРАД (АА) - Европската Унија (ЕУ), отвори по две нови поглавја во преговорите за членство во Унијата за балканските земји Црна Гора и Србија, јавува Anadolu Agency (AA).
На вчерашната Меѓународна конференција за пристап, која се одржа во Луксембург, ЕУ за Црна Гора ги отвори поглавјата „Слободно движење на стоки“ и „Координација на структурните инструменти во регионалната политика“, а за Србија се отворени поглавјата „Цариска унија“ и „Право на интелектуална сопственост“.
На оваа тема, соопштение објави Министерството за европски прашања на Црна Гора, истакнувајќи дека со отворањето на овие две поглавја, преговорите меѓу Црна Гора и ЕУ трасираат еден нов пат. Притоа, се вели дека поглавјето „Надворешни односи“ е затворено на одреден период. Во соопштението се потсетува дека во рамките на преговорите, Црна Гора досега отворила 28 поглавја, од кои 3 се затворени на одреден период.
Министерката за европска интеграција на Србија, Јадранка Јоксимовиќ, во својата изјава потсети дека со двете новоотворени поглавја, „Царинска унија“ и „Право на интелектуална сопственост“, Србија досега отворила вкупно 10 поглавја. „Отворањето нови поглавја покажува дека ЕУ ги држи отворени вратите за Србија“, изјави министерката за европска интеграција.
Според министерката Јоксимовиќ, секое отворено поглавје покажува дека социјалниот живот во Србија покажал напредок на одредено подрачје, што е од интерес и за државата и за граѓаните.
Кристијан Денилсон, генерален директор на европската комисија за соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, истакна дека отворањето на нови поглавја е показател за моќната перспектива на Србија во ЕУ.
Црна Гора којашто своите преговори за ЕУ ги започна во 2012 година и Србија, која преговорите ги започна во 2014 година, се посочуваат како две балкански земји што се најблиску до членството во ЕУ.