Kemal Zorlak
08 Октомври 2019•Ажурирај: 08 Октомври 2019
БЕЛГРАД (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска во Белград изјави дека е неопходно што побрзо да се реши прашањето за формирање власт во БиХ, и дека верува оти Автопатот Белград - Сараево ќе ги унапреди односите меѓу БиХ и Србија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Палатата „Србија“ денеска е одржан Трилатерален самит на Србија, БиХ и Турција, на кој учествуваа лидерите на трите земји.
Самитот е одржан во рамките на вториот ден од посетата на Ердоган на Србија, а присуствуваа претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и претседавачите и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ), Жељко Комшиќ, Шефик Џаферовиќ и Милорад Додик.
Ердоган на прес-конференцијата изјави дека денешниот Трилатерален самит, пред сѐ била една плодна средба, додавајќи дека по следниот самит во БиХ, наредниот ќе биде одржан во мај во Турција.
„Одлучни сме да продолжиме со овој билатерален механизам, односно со трилатералните состаноци и сите три земји, Турција, БиХ и Србија, да работиме на зближување на нашите народи. Сакаме овој самит да придонесе за тоа“, порача Ердоган.
Тој нагласи дека најважна карактеристика на денешната средба била можноста да се поразговара за тоа како што побрзо да се реши проблемот за формирање власт во БиХ.
„Сакаме овој проблем да се реши што е можно поскоро, бидејќи помина цела година и во земја во која нема влада тешко е да се зборува за конструктивна иднина. Неопходно е да се реши тоа што е можно поскоро“, рече Ердоган, додавајќи:
„Верувам дека патот кој се планира да биде изграден, ќе биде повод за подобрување на односите меѓу Србија и БиХ. Јас секогаш потенцирам дека патот значи живот, дека патот значи цивилизација. Ако успееме во тоа, патот што ќе се гради помеѓу Белград и Сараево е пат што економски ќе ги подигне сите места меѓу овие два града и верувам дека овој пат ќе ги спречи луѓето да се селат од овие области и дека ќе стане атрактивен за живот.“