Zlatan Kapiç
08 Октомври 2019•Ажурирај: 09 Октомври 2019
СРЕМСКА РАЧА (AA) - Во присуство на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и претседавачот и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, Шефик Џаферовиќ и Милорад Додик, денеска во Сремска Рача положен е камен-темелник за изградба на Автопатот Белград - Сараево, јавува Anadolu Agency (AA).
На свечената церемонија на положување на камен-темелникот во близина на границата на Србија и Босна и Херцеговина присуствуваа и други функционери на овие држави, но и повеќе илјади граѓани.
Автопатот Белград - Сараево, чија изградба ќе ја финансира Турција, ќе се гради како прстен, во два правци: Кузмин - Сремска Рача - Белина и Пожега - Котроман, на границата на Србија со БиХ.
Делницата Сремска Рача - Кузмин е долга околу 18 километри, а трасата Пожега - Ужице - Котроман околу 60 километри. Вкупната вредност за изградба на двете делници на територијата на Србија е околу 1,05 милијарди евра, од кои околу 220 милиони евра вредност на делницата Сремска Рача - Кузмин, а околу 830 милиони евра делницата Пожега - Котроман.
Вториот правец, Пожега - Ужице - Котроман, границата Србија и БиХ, со должина од околу 60 километри, со коридор 11 во Србија се поврзува во Пожега, а од Пожега преку Моравскиот коридор (E-761) би требало да се поврзе со коридорот 10.
Подготвителните работи на изградба на мостот на Сава во Сремска Рача, на делницата на Автопатот Кузмин - Сремска Рача, почнаа кон крајот на август оваа година.
Претседателот на Турција, Ердоган и претседателот на Србија, Вучиќ, пред повеќе илјади граѓани, официјализираа низа проекти кои ги реализираа турските инвеститори и Турската агенција за меѓународна соработка и координација (ТИКА). Така денес преку видеолинк организирано е отворање на шест фабрики, турски инвестиции во Србија и положен е камен-темелник за седмата.
Организирано е и отворање на Рамската тврдина чија обнова ја финансираше ТИКА и обновената џамија „Султан Валиде“ во Сеница. Организирано е отворање на проект на ТИКА за обнова на зградата на судот во Нови Пазар. Свечено е одбележан и почеток на работите на реконструкција на патот Нови Пазар - Тутин.
Во текот на свечената церемонија на отворање на проектот прикажан е филм за турските инвестиции и проекти реализирани во Србија.