Zlatan Kapiç
08 Октомври 2019•Ажурирај: 09 Октомври 2019
СРЕМСКА РАЧА (AA) – Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во Сремска Рача, на свеченоста по повод положувањето на камен-темелникот за изградба на Автопатот Белград - Сараево изјави дека „денеска сведочиме на историски момент меѓу нашите земји“, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган изрази задоволство поради отворањето на голем број проекти кои ги реализираа турските инвеститори и институции на подрачјето на Србија.
Потсети на големите напори, вложени за да биде реализиран проектот на мирот на Балканот, како што го окарактеризира идниот автопат од Белград до Сараево.
„Мостот преку Сава, чии темели ги поставуваме денеска, го гледаме како мост на пријателство, бидејќи тој навистина има посебна вредност за целиот регион“, рече Ердоган во обраќањето пред повеќе илјади граѓани на Србија и БиХ во Сремска Рача, недалеку од границата на двете земји.
Изрази големи очекувања од турската компанија „Ташјапи“, кога е во прашање реализацијата на овој проект во што пократок временски период.
„Нашето историско и културно наследство е наше заедничко богаство. Поради тоа, секој споменик на овие простори претставува можност за наша солидарност и соработка“, рече претседателот на Турција, и додаде:
„Поради тоа имаме обврска да градиме иднина, така што ќе ја искористиме инспирацијата која ја црпиме од нашето богато минато.“
„Еден од доказите дека работиме во тој правец е Рамската тврдина која претставува еден од бисерите на историското и културното наследство чија реставрација ја направи ТИКА“, рече Ердоган.
Турскиот претседател додаде дека „денеска, покрај тоа поставуваме и камен-темелник за реконструкција на патот Нови Пазар - Тутин што ќе ја подобри патната комуникација во Санџак“.
Потсети дека во сообраќајната несреќа на тој пат загина Шемсудин Кучевиќ, претседател на општина Тутин, по неговата посета во 2017 година, и „затоа тука уште еднаш се присетувам и изразувам сочувство на неговото семејство и пријателите“.
Ердоган рече и дека денеска се отвора зградата на Судот во Нови Пазар и џамијата „Султан Валиде“ во Сеница, чија реконструкција ја реализирала ТИКА.
Турскиот претседател рече дека Турција ќе ги зголемува инвестициите низ Србија и потсети на отворањето на шест фабрики во Србија и положувањето на камен-темелникот за изградба на уште една.
„Единствена цел на Турција е мирот и просперитетот на Балканот. Овие простори во последната четвртина од векот претрпеа големи страдања. Нашите разлики не смееме да ги користиме како причина за судири, туку како наше богатство. Треба да ја унапредуваме нашата соработка во секој поглед. Убеден сум дека нема да се задоволиме само со досегашните проекти, туку дека ќе продолжиме да го зголемуваме бројот на заеднички проекти. Верувам дека заедно ќе градиме подобра иднина на целиот регион“, порача Ердоган.