Aldıjana Hadzıc
08 Октомври 2019•Ажурирај: 08 Октомври 2019
БЕЛГРАД (AA) – Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, по Трилатералниот самит Србија - БиХ - Турција во Белград изјави дека проектот Автопатот Белград - Сараево влијае на мирот и стабилноста во регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
Џаферовиќ рече дека е одржан многу важен состанок.
Тој рече дека Турција е стабилизирачки фактор во целиот регион и дека има добри билатерални односи со сите земји од регионот, и со БиХ и со Србија, и дека може да помогне во стабилизација на вкупните состојби на Западен Балкан.
„Секоја од нашите земји има свои билатерални односи, па така и БиХ и Република Србија, своите билатерални прашања ќе ги решаваат во билатералниот дел“, рече Џаферовиќ.
Потсети дека постојат бројни отворени прашања помеѓу Србија и БиХ и дека е неопходно да почнат да се решаваат и да се води дијалог.
„За мене е потребна една поинтензивна соработка помеѓу институциите на БиХ и Србија, бидејќи само така можат на вистински начин да се решат сите билатерални проблеми. Она што е заедничко за сите наши држави, кои учествуваат во трилатералата, е прашањето за Автопатот Сараево - Белград, чиј почеток на изградба ќе го означиме денеска во Србија“, рече Џаферовиќ.
Нагласи дека станува збор за важен проект кој влијае на мирот и стабилноста во регионот.
Потсети дека Србија ги завршила своите обврски и дека од денеска почнува изградбата на автопатот.
„Ние во БиХ презедовме обврска што е можно поскоро да ги дефинираме и заклучиме договорите со Турција и со Србија, за проектот да биде што поскоро реализиран“, рече Џаферовиќ.
Турскиот претседател престојува во дводневна посета на Србија.
Денес во Сремска Рача ќе биде поставен камен-темелник на Автопатот Белград - Сараево, на кој ќе присуствуваат учесниците на Трилатералниот самит.