Husamedin Gina
20 Декември 2019•Ажурирај: 21 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Елвин Хасан, по повод 21 декември - Денот на наставата на турски јазик во Северна Македонија, во Владата ги прими турските наставници од различни делови на Северна Македонија, а на средбата се дебатираше за проблемите во наставата на турски јазик, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пред почетокот на средбата, министерот Хасан и поранешната директорка на Основното училиште „Тефејуз“, Исмије Шабан, дадоа изјави за медиумите.
Посочувајќи дека образованието на турски наставен јазик се соочува со проблеми од порано, министерот Хасан рече дека проблемите се особено нагласени во делот на преводот и издавањето на учебниците.
„Во некои региони имаме кадровски прашања, кои, за жал, сѐ уште не се затворени. Особено ова се однесува на предметните наставници - немаме предметни наставници во сите области. Сметам дека овие проблеми значително го намалуваат квалитетот на образованието“, нагласи министерот Хасан, додавајќи дека тоа може да се види и во извештаите на меѓународните институции.
Хасан истакна дека во Северна Македонија има околу 64-65 основни училишта во кои се одржува настава на турски јазик, а во средното образование од 12 до 13 училишта, од кои голем дел се гимназии, и дека има потреба од паралелки за стручно образование.
Тој, по повод Денот на наставата на турски јазик се заблагодари на сите наставници, за нивниот придонес кон развојот на образованието на турски јазик во Северна Македонија.
Поранешната директорка на Основното училиште „Тефејуз“ од Скопје, Исмије Шабан, истакнувајќи дека долго време директно е вклучена во образованието на турски јазик, и како наставничка и како директорка, рече дека добро ги знае и проблемите и позитивните страни.
Потсетувајќи дека книгите за настава, односно учебниците во Северна Македонија прво се печателе на македонски, албански, и потоа на турски јазик, Шабан нагласи:
„Бидејќи бројот на печатените учебници беше помал, можеби имаше материјални загуби, и затоа, и ден-денес во многу училишта, земете ја „Јосип Броз-Тито“, гимназијата во Скопје, се диктираат некои предмети. Се работи на еден многу стар начин на образование на децата. Диктирање немаше ниту во мое време.“
На крајот од средбата беа доделени и плакети на присутните наставници за нивниот придонес во образованието на турски јазик во Република Северна Македонија.