Furkan Abdula
21 Април 2023•Ажурирај: 24 Април 2023
Државниот врв на Северна Македонија упати честитки по повод муслиманскиот празник Рамазан бајрам, пренесува Анадолу.
Според соопштението на претседателскиот Кабинет, претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во земјата и до поглаварот на Исламската верска заедница на Северна Македонија, Шаќир Фетаху.
„Дозволете ми Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска вероисповед во Република Северна Македонија да Ви упатам најсрдечни честитки по повод празникот Рамазан бајрам. Посакувам празничните денови да ги поминете во мир и хармонија исполнети со среќа и радост и споделувајќи љубов со ближните. Во духот на Рамазан да даруваме, помагаме и шириме добра волја. Без разлика на верската, етничката и политичката припадност да имаме разбирање и почит кон сите наши сограѓани. Заедно, сплотени и солидарни да работиме на напредокот и благосостојбата на нашата заедничка татковина, Република Северна Македонија. Честит Рамазан бајрам“, нагласи Пендаровски.
Од друга страна, претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, исто така, упати честитка по повод Рамазан бајрам.
„Дозволете ми од името на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и од мое лично име да им го честитам првиот ден на големиот муслимански празник, Рамазан бајрам, на сите верници во земјава и каде и да се наоѓаат надвор од неа. Ви посакувам добро здравје, духовен и ментален мир. Економската благосостојба и семејната топлина нека завладее во секој дом на овој голем ден на Рамазан бајрам“, додаде Џафери во честитката.
Меѓу другото, премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, упати телеграма со честитки до поглаварот Фетаху, до членовите на Ријасетот и на муфтиствата, како и до сите верници од исламска вероисповед што празнуваат.
„Упатувам искрени желби за мир, радост и благосостојба до секого и во сечиј дом. Празниците се денови кога членовите на семејствата, соседите, пријателите се заедно и споделуваат меѓусебна почит, разбирање, солидарност. Токму на овие вредности, ние заедно го градиме и нашето еднакво општество за сите граѓани, промовирајќи ја мултикултурата како функционална придобивка и со оваа посебност ја интегрираме државата во европското семејство на народи и држави. Во време на безбедносни и економски предизвици на европскиот континент, Република Северна Македонија е корисен, уникатен пример за негувањето и развојот на различните традиции, вери, заедници. Преку заедничките определби, со искрените пријателства, да продолжиме да поставуваме нови темели во меѓусебните односи. Честит Рамазан бајрам“, порача Ковачевски.