Besar Ademi
30 Септември 2018•Ажурирај: 30 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Од Државната изборна комисија (ДИК) на Македонија велат дека на референдумот за спорот за името и членството во НАТО и Европската Унија (ЕУ) до 17:00 часот правото на глас го искористиле 28,83 отсто од вкупниот број на регистрирани гласачи, односно 445.771 гласач, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, истакна дека процесот на гласање се одвива редовно, без прекини и без големи проблеми. Деркоски додаде дека најголем дел од поднесените приговори се однесуваат на тоа дека некои граѓани не фигурираат на избирачкиот список.
Тој истакна дека приговорите се отфрлени бидејќи граѓаните немале валидни документи за идентификација.
„Од 87,25 проценти од податоците обработени од избирачките места, гласале 455.771 гласач, односно 28,83 проценти од граѓаните регистрирани на изборната листа“, рече Деркоски.
Тој рече дека најголемиот број гласачи е регистриран во општина Сарај со 54,21 отсто, а општина Илинден со 14,47 отсто е општината со најмал одѕив на гласачите.
Ова е претпоследната прес-конференција од вкупно шест најавени од оваа институција, каде што се информира за процесот и излезеноста на гласачите. Последната официјална прес-конференција е најавена за 19:00 часот.
Вкупно 1.806.836 гласачи во Македонија до 19:00 часот имаат право на глас во 3.480 избирачки места во 80 општини во земјата. Прашањето на референдумот, кој е трет по ред на државно ниво во текот на 27 години независност на Македонија, гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Грција?“
Референдумот се одржува по Договорот од јуни меѓу Македонија и Грција, кој предвидува промена на името на државата во Република Северна Македонија, и претставува главен услов за членство на земјата во НАТО и отворање на преговорите со ЕУ. Референдумот е консултативен и законски не е обврзувачки. Сепак, Владата на Македонија соопшти дека резултатот на референдумот ќе се смета за обврзувачки.
Во случај на позитивен резултат на референдумот, конечната одлука за Договорот со Грција ќе се усвои од страна на Собранието на Македонија, каде што за уставни измени ќе биде потребен гласот на две третини од пратениците. По завршувањето на овој процес во Македонија, потребно е Договорот да се ратификува и од страна на грчкиот Парламент.