Besar Ademi
30 Септември 2018•Ажурирај: 30 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Од Државната изборна комисија (ДИК) на Македонија велат дека на референдумот за спорот за името и членството во НАТО и Европската Унија (ЕУ) до 15:00 часот правото на глас го искористиле 22,56 отсто од вкупниот број на регистрирани гласачи, односно 334.075 гласачи, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, на прес-конференција рече дека процесот на гласање се одвива на демократски начин со некои мали инциденти кои не го спречија процесот на гласање.
„До овој момент, заклучно со 15 часот излезени се 334.075, односно 22,56 отсто од вкупно запишаните во Избирачкиот список“, додаде Деркоски.
Деркоски нагласи дека бројот на поднесените приговори досега изнесува 26, од кои 95 отсто се околу тоа дека граѓаните не се наоѓаат на листата на гласачи, поради тоа што немале валиден документ за идентификација.
Тој информираше дека највисоката стапка на излезност на граѓаните е 36,57 отсто во општина Сарај во Скопје, додека најниската стапка на излезност е во Ново Село во југоисточниот дел на земјата, каде што правото на глас го искористеле само 9,97 отсто.
Вкупно 1.806.836 гласачи во Македонија до 19:00 часот ќе имаат право на глас во 3.480 избирачки места во 80 општини во земјата.
Прашањето на референдумот, кој е трет по ред на државно ниво во текот на 27 години независност на Македонија, гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Грција?“ Референдумот се одржува по Договорот од јуни меѓу Македонија и Грција, кој предвидува промена на името на државата во Република Северна Македонија, и претставува главен услов за членство на земјата во НАТО и отворање на преговорите со ЕУ.
Референдумот е консултативен и законски не е обврзувачки. Сепак, Владата на Македонија соопшти дека резултатот на референдумот ќе се смета за обврзувачки.
Во случај на позитивен резултат на референдумот, конечната одлука за Договорот со Грција ќе се усвои од страна на Собранието на Македонија, каде што за уставни измени ќе биде потребен гласот на две третини од пратениците.
По завршувањето на овој процес во Македонија, потребно е Договорот да се ратификува и од страна на грчкиот Парламент.