Admir Fazlagic
15 Ноември 2018•Ажурирај: 15 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, иницираше и денес оствари телефонски разговор со својот унгарски колега Петер Сијарто, во врска со поднесеното барање за азил до унгарските власти од страна на поранешниот премиер на Република Македонија, Никола Груевски, пренесува Anadolu Agency (AA).
„За време на разговорот, министерот Димитров посочи дека во случајот станува збор за осуденик, против кого се водат и уште неколку други судски постапки за сериозни кривични дела. Министерот воедно ја потенцираше важноста на принципот на владеење на правото, кој претставува темелен европски принцип. Притоа укажа на парадоксалноста на ситуацијата да се бара политички азил во земја членка на ЕУ, од страна на личност во чие време на владеење, земјата кандидат за членство во ЕУ беше окарактеризирана како „заробена држава“ и од страна на самата Европска комисија“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Република Македонија.
Се додава дека унгарскиот министер Сијарто, во телефонскиот разговор ја потврдил информацијата дека Никола Груевски поднел барање за азил до надлежните унгарски власти и дека правната процедура е веќе започната.
„Притоа нагласи дека унгарската поддршка за реализација на аспирациите за европска и евроатлантска интеграција на Република Македонија, како и добрата билатерална соработка меѓу двете земји ќе продолжат и во иднина“, стои во соопштението.
Потсетуваме, поранешниот премиер на Република Македонија, Никола Груевски, во вторникот преку својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека се наоѓа во Будимпешта, каде што од унгарските власти ќе побара политички азил.
По објавата на Груевски дека е во Будимпешта, информациите ги потврди и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија кое распиша меѓународна потерница за Груевски.
Груевски е правосилно осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ за набавката на луксузен мерцедес, вреден 570 илјади евра.