Husamedın Gına
11 Февруари 2020•Ажурирај: 12 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, денес се сретна со министерот за надворешни работи на Италијанската Република, Луиџи ди Мајо, кој ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
По средбата на делегациите на двете земји, Никола Димитров и неговиот италијански колега Луиџи ди Мајо одржаа заедничка прес-конференција, на којашто рекоа дека во фокусот на разговорите била иднината на процесот за проширување на Европската Унија.
Истакнувајќи дека Италија е докажан и голем пријател на Северна Македонија и билатерално и во контекст на зачленувањето во НАТО, министерот Димитров рече дека денешната посета има своја симболика бидејќи во Парламентот ќе се ратификува Северноатлантскиот договор.
Министерот Димитров потсети дека во изминатите година и пол, Северна Македонија беше мошне близу до успех за отворање на пристапните преговори со ЕУ.
„Веруваме дека донесувањето на оваа заслужена одлука за мојата држава ќе даде натамошно охрабрување на реформските процеси и воедно ќе ги зачува значајните достигнувања, но и кредибилитетот и влијанието на гласот и на политиката на Европската Унија во нашиот регион“, нагласи министерот Димитров, додавајќи дека разочарувањето од немањето одлука во октомври го претвориле во нов мотив, стимул за да се работи уште понапорно и попосветено на реформското досие.
Луиџи ди Мајо, истакнувајќи дека Италија и Северна Македонија се пријателски земји, рече дека како Италија уште еднаш силно ја поддржуваат легитимната амбиција на земјата за влез во Европската Унија.
„Големото европско семејство се соочува со земји кои сакаат да излезат од него, и тоа е уште поголема причина да имаме добри односи со оние земји и народи кои сакаат да влезат во Европската Унија“, рече министерот Ди Мајо, нагласувајќи дека земјите и народите од Западен Балкан гледаат голема можност во Унијата, и тој факт ЕУ треба да го негува и да овозможи нивните амбиции да бидат задоволени што е можно побргу.
На новинарско прашање дали очекува брзо усвојување на новата методологија и дали во март ќе има почеток на пристапните преговори, Луиџи ди Мајо рече дека да се гарантира брзината со која ЕУ ќе се движи е многу амбициозна работа, но нивната заложба е тоа да се случи што е можно побрзо.
Министерот Ди Мајо, исто така, се заблагодари на Владата на Северна Македонија, која им овозможува на италијанските фирми да инвестираат во оваа земја и да имаат нови можности за развој.
Претходно, италијанскиот министер Луиџи ди Мајо беше примен од претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, а ќе има средба и со техничкиот премиер Оливер Спасовски.