Husameddin Gina
24 Јануари 2019•Ажурирај: 25 Јануари 2019
СКОПЈЕ (AA) – Претседателот на Комисијата за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка, следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција, Царинската управа и од Министерството за одбрана, Емил Димитриев, денеска оствари работна средба со експертот од Европската Унија, Маурицио Варанезе, јавува Anadolu Agency (AA).
По работната средба, Димитриев, изјави дека со експертот од ЕУ, Варенезе, заеднички констатирале дека Република Македонија доцни во имплементацијата на законите кои ја регулираат сферата за надзор над службите за безбедност.
Според Емил Димитриев, тука пред сѐ, се мисли на доцнењето на формирањето на граѓанскиот совет кој треба да ги контролира институциите и немањето ангажман на експерти кои ќе бидат во функција на комисијата што ја води тој, за контрола на службите.
„Ангажманот на експертите ќе биде во поддршка на комисијата што ја водам. Разговараме на оваа тема неколку месеци, меѓутоа, од страна на Собранието, од раководството на Собранието немаме поддршка во делот на обезбедување буџет и отпочнување постапка за избор на експерти“, изјави Емил Димитриев.
Димитриев, исто така нагласи дека експертите од ЕУ на денешниот состанок нотирале дека при читањето на нацрт-верзиите на законите од сферата на надзорот на институциите увиделе дека не е во ред, а тоа, според Димитриев е приличино загрижувачко.
„Се работи за Закон за следење на комуникации, во еден дел тие го нотираат она што надзорот не може да го гледа, таму има наведено многу работи кои надзорот не може да ги проверува, кои во суштина ако бидат имплементирани, надзорот ќе биде многу, многу проформа“, рече Димитриев.
Во насока за обезбедување буџет за експертите кои ќе учествуваат во работата на Комисијата што ја води Емил Димитриев, рече дека во ноември писмено се обратил до претседателот на Собранието, Талат Џафери, но дека досега не добил одговор.
Буџетот за ангажманот на експертите од областа на дигиталната форензика, базата на податоци и телекомуникациите, по проценка ќе изнесува околу 20.000 евра на годишно ниво. Комисијата има право на ангажман на двајца експерти.