Agim Sulaj
04 Јуни 2021•Ажурирај: 05 Јуни 2021
ПРИШТИНА (АА) - Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, во рамки на посетата на Косово се состана со министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Гервала-Шварц, јавува Агенција Анадолија (АА).
Косовската министерка нагласи дека за време на нивната средба дискутирале за билатералните, регионалните и европските односи.
Таа рече дека со голем оптимизам ги чека идните чекори за продлабочување на меѓусебните односи во областа на економијата и трговијата, во областа на политиката, културата, образованието, науката, здравството и другите области.
Гервала-Шварц рече дека Косово и Грција се согласиле за тоа како понатамошен чекор кон тесна размена да се надгради статусот на Канцеларијата на Косово во Атина - од општа економска канцеларија на една таканаречена канцеларија на интереси со пристап веќе кон економски прашања, но и кон други области, вклучувајќи ја и политиката.
„Грција за нас е важен сосед во регионот и како членка на ЕУ и НАТО дава важен придонес во безбедноста и стабилноста на Југоисточна Европа. Со Грција го споделуваме мислењето дека интеграцијата во ЕУ и НАТО се најважните чекори за долготрајна стабилност на Западен Балкан на начин на кој преку градење на здрава европска и трансатлантска перспектива, да можеме зад нас да ги оставиме горчливите искуства на последните декади“, нагласи Гервала-Шварц.
Таа подвлече дека независноста на Косово е непроменлив факт, и додаде дека дијалогот меѓу двете земји за признавање на Косово од страна на Грција ќе продолжи интензивно со надеж да бидат убедени партнерите на ЕУ, со цел да се премине од фаза на небезбедност за регионот во фаза на безбедност и предвидливост.
- „Грција го поддржува дијалогот меѓу Косово и Србија со посредство на ЕУ“ -
Министерот за надворешни работи на Грција, Дендиас, рече дека неговата земја посакува со Косово да ги зголеми економските и трговските односи, и дека, како што рече тој, тоа е главната причина на оваа посета.
Дендиас нагласи дека Грција го поддржува дијалогот помеѓу Косово и Србија со посредство на ЕУ за постигнување на одржливо сеопфатно решение.
Тој истакна дека ги поддржуваат земјите од Западен Балкан кон интеграцијата во ЕУ.
„Грција две децении силно се залага за европска интеграција на земјите од Западен Балкан“, рече тој, додавајќи дека тоа не го прават за интересот на нивната држава, туку дека целиот Западен Балкан треба да биде интегрален дел на ЕУ.
Дендиас ја изрази поддршката на Грција за процесот на визна либерализација на граѓаните на Косово, упатувајќи честитки за направената работа за исполнување на бараните критериуми од страна на ЕУ.
Инаку, Грција е една од петте земји членки не ЕУ кои сѐ уште не ја признале независноста на Косово. Сепак, функционерите на грчките институции истакнуваат дека ќе му помагаат на Косово во неговите напори за визна либерализација.