Vesna Besiç
31 Мај 2019•Ажурирај: 01 Јуни 2019
САРАЕВО
Денот на белите ленти, во сеќавање на 3.176 убиени и исчезнати жители на Приједор за време на војната во Босна и Херцеговина (БиХ), се одбележува денес со различни активности во БиХ и пошироко, јавува Anadolu Agency (AA).
Симболиката на белите ленти доаѓа од мај 1992 година, поточно кога властите на босанските Срби издадоа наредба сите Бошњаци и Хрвати во Приједор на своите прозорци да закачат бели чаршафи, а ако излегуваат надвор, да врзат бели ленти на раката. На тој начин беа означени дека не се Срби, по што започнаа масовни заробувања, убиства и силувања.

Веќе неколку години на 31 мај се укажува на значењето од одбележувањето на овој датум, но истовремено се праќа порака дека е потребно да се негува културата на сеќавања и да не се заборават злосторствата извршени во БиХ, но и на други места.
На зградата во којашто се наоѓа Канцеларијата на реис-и-улема на исламската заедница во БиХ е поставено бело платно, во знак на сеќавање на протераните и убиените жители на преиједорскиот крај, и со тоа се дава придонес во борбата против сè почестите појави на негирање и непризнавање на злосторствата на тие простори.
Вработените и волонтерите од Музејот на жртвите на злосторството врз човештвото и геноцидот 1992-1995, денес во просторииите на Музејот им делеа бели ленти на посетителите кои дојдоа од различни делови на светот.
Бела лента на раката денес врзаа таткото и синот Соли и Кристијан Ларс од Норвешка.
„Тука сме во посета и сакав моето семејство да види како изгледаше овој град за време на војната. Во тој период во БиХ работев за ОН и запознат сум со случувањата во текот на војната“, раскажа Соли.

Јасмин Мешковиќ, еден од основачите на Музејот, порача дека денес во БиХ се одбележува Денот на белите ленти.
„Сите кои живееја во Приједор и беа граѓани од несрпска националност, беа одбележани, но не на начин некој да ги заштити и да им даде поддршка, туку осмислувачот на овој проект без и малку одговорност и без страв да може да ја убие одбележаната личност и да ја смета за непријател“, појасни Мешковиќ.
Се смета дека тука се работело за тежок проект со големи последици.
„Градот Приједор е град со најголем број логори. Град во кој е извршено злосторство на специфичен начин, каде што соседите убива соседи, каде што учениците убиваа професори, каде што колегите убиваа колеги, само затоа што не му припаѓаат на српскиот народ“, истакна Мешковиќ.
Тој смета дека тоа е нешто на кое во наредниот период мора да се обрати поголемо внимание и да му се даде поголемо значење.
„Ние денес сме сведоци на гордоста на жртвата, а треба да сме сведоци и на срамот на српскиот народ, кој го организираше и го изврши овој страшен злочин, конкретно во Приједор. Во тој град, кој и да носеше бела лента, беше директна и отворена цел“, посочи Мешковиќ.
Се смета дека граѓаните на БиХ не ја знаат тежината и значењето на одбележувањето со белите ленти.
Во текот на војната убиени и исчезнати се 3.176 жители на Приједор, претежно цивили, и во најголема бројка Бошњаци. Голем број од нив ниту денес не се пронајдени.