Abdula Berisha
31 Мај 2019•Ажурирај: 03 Јуни 2019
СКОПЈЕ (AA) – „Тензиите во Република Косово нема да можат да ја загрозат стабилноста на Северна Македонија и на регионот“, изјави претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, јавува Anadolu Agency (AA).
Новоизбраниот претседател ја оствари првата посета во Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, по што следуваше прес-конференција со министерката Радмила Шекеринска, на којашто беа прашани за последните тензии во Република Косово и можноста за корекција на границите.
Претседателот Пендаровски рече дека надлежните институции будно ја следат состојбата на границата меѓу Северна Македонија и Косово и дека биле во постојана соработка со службите на КФОР.
„Проценките на надлежните служби на КФОР на Косово, на клучните меѓународни фактори и на нашите институции кои соработуваат со нив, се дека и во иднина ако има слична ситуација, тоа нема да биде со такви пропорции за да ја загрози безбедноста на Република Северна Македонија, ниту да ја загрози безбедноста на регионот“, рече Пендаровски.
Тој, исто така, рече дека е против идејата за корекција на границите меѓу Косово и Србија, истакнувајќи дека таквите идеи не припаѓаат на 21 век.
Коментирајќи ги последните тензии во Косово, министерката за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска, ја истакна важноста од зачленувањето на земјата во НАТО.
„Затоа во 2017-та го ставивме фокусот на нашето членсто во НАТО, за да обезбедиме нашата држава да има дополнителни безбедносни гаранции, дури и во случај на регионална нестабилност. Токму поради тоа не очекуваме ниту директно безбедносно влијание, ниту пак, влијание врз економските показатели“, рече Шекеринска.
Тензиите во Република Косово пораснаа по полициската операција реализирана во вторникот, кога беа уапсени 19 полициски службеници осомничени за повеќе кривични дела, меѓу другото и за „учество или организација на криминална група“.
Акцијата беше окарактеризирана со одреден отпор, при што во текот на акцијата се повредени 5 полицајци, а еден од нив беше ранет од огнено оружје.