Furkan Naci Top
25 Јануари 2019•Ажурирај: 27 Јануари 2019
АТИНА (АА) – Грчкиот Парламент го ратификуваше Преспанскиот договор постигнат меѓу владите на Македонија и Грција за решавање на 28-годишниот спор за името, јавува Anadolu Agency (AA).
Пратениците во грчкиот Парламент денес гласаа за Преспанскиот договор, кој предвидува менување на името на Македонија во „Република Северна Македонија“. Во Парламентот кој има вкупно 300 пратеници, 153 пратеници гласаа „за“, 146 „против“, додека еден пратеник беше воздржан.
- Заев до Ципрас: „Заедно со нашите народи испишавме историска победа"
- ЕУ и НАТО го поздравија ратификувањето на Преспанскиот договор во Грција
- Албанија и Косово го поздравија ратификувањето на Преспанскиот договор во Грција
Овој договор во грчкиот Парламент помина со гласовите на сите 145 пратеници на владејачката „Сириза“ и со поддршка на осум пратеници од другите партии.
За време на гласањето, пратеникот од екстремно десничарската партија Златна зора, Констандинос Барбарусис, својот глас го изрази како „не за предавството“, и затоа настана кратка расправија во Парламентот.
По предупредувањето од претседателот на грчкиот Парламент, Никос Вутсис, настана расправија меѓу пратениците на Златна зора и Сириза.
- „Северна Македонија ќе биде пријателска земја“
„Денес на Балканот отвораме нова страница. Омразата, несогласувањата и конфликтите предизвикани од национализмот своето место му го оставаат на пријателството, мирот и соработката“, напиша Ципрас на Твитер по гласањето во Парламентот.
„Северна Македонија која денес се роди, ќе биде пријателска земја“, додаде Ципрас.
Со ратификувањето на Договорот од грчката страна, и двете земји ги исполнија своите обврски. Се отвора патот на Македонија со името „Република Северна Македонија“ официјално да стане 30-та членка на НАТО. Договорот за решавање на спорот за името со Грција (Преспански договор), во јуни минатата година, во Преспа, го потпишаа владите на Македонија и Грција.
Пред да биде ратификуван договорот во грчкиот Парламент, Собранието на Македонија Преспанскот договор го ратификуваше на 11 јануари оваа година, со поддршка на двотретинско мнозинство, односно со 81 глас „за".