Admir Fazlagic
25 Јануари 2019•Ажурирај: 26 Јануари 2019
СКОПЈЕ (АА) - По ратификувањето на Преспанскиот договор во грчкиот Парламент, премиерот на Македонија Зоран Заев упати честитка до неговиот грчки колега Алексис Ципрас, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Честито мој пријателе Ципрас, заедно со нашите народи испишавме историска победа. Нека е вечен Договорот од Преспа, нека се вечни мирот и прогресот на Балканот и во Европа", напиша премиерот Заев на неговиот официјален профил на социјалната мрежа Твитер.
Пратениците во грчкиот парламент денес гласаа за Преспанскиот договор кој предвидува менување на името на Македонија во „Република Северна Македонија“.
Во грчкиот Парламент има 300 пратеници, од нив 153 пратеници гласаа „за“, 146 гласаа „против“, додека еден пратеник беше воздржан.
Овој Договор од грчкиот парламент помина со гласовите на сите 145 пратеници на владејачката „Сириза“ и со поддршка на осум пратеници од другите партии.
Со ратификување на договорот во грчката страна, и двете земји ги исполнија своите обврски, со што се отвора патот на Македонија со името „Република Северна Македонија“ официјално да стане 30-та членка на НАТО.
Договорот за решавање на спорот за името со Грција (Преспански договор), во јуни минатата година, во Преспа, го потпишаа владите на Македонија и Грција.