Husameddin Gina
25 Јануари 2019•Ажурирај: 26 Јануари 2019
СКОПЈЕ (АА) – Иницијативата „Канцерогено општество“ повика на мирен протест против аерозагадувањето, што ќе се одржи утре со почеток во 13 часот пред Собранието, а со кратка рута ќе заврши пред Владата, јавува Anadolu Agency (AA).
Кристијан Узунов од Иницијативата истакна дека со цел справување со проблемот со аерозагадувањето потребни се долгорочни мерки, а не мерки што удираат по џебот на граѓаните и краткотрајни мерки, како што се на пример, бесплатниот јавен превоз кој трае по најмногу два дена.
Тој, исто така, апелираше до власта и опозицијата да не се обидуваат да го злоупотребат протестот за свои цели и нагласи дека не се поддржани од ниту една партија.
„На утрешниот мирен протест апелираме да дојдат сите искрено загрижени граѓани кои ќе дадат сè од себе да во рамките на законите изнајдеме решение. Досега имавме можност да видиме колку сегашните институции се спремни во решавање на оваа алармантна состојба и баш поради тоа ни е потребна масовност од ваша страна, од сите граѓани, да успееме да се избориме сами за подобра и почиста здрава животна средина“, истакна Кристијан Узунов.
Тој нагласи дека утре пред Собранието ќе ги истакнат барањата, меѓу кои се свикување итна владина седница, вклучување на експерти и граѓанскиот сектор во контролите на големите загадувачи, според него, досега недопрени, и да престане Владата со таканаречени мерки коишто само директно удираат по џебот на најсиромашните.
Аедозагадувањето во Скопје е долгогодишен проблем, особено во зимските денови. Граѓанските организации и еколошките здруженија во неколку наврати протестираат барајќи долгорочни мерки со кои овој проблем ќе биде значително намален. Претходно, Владата на Република Македонија најави стратешка програма со фонд од 1,5 милион евра за решавање на проблемот со загадениот воздух.