ПРИШТИНА
На конститутивната седница на осмиот состав од Собранието на Косово за претседател на Собранието избран е Глаук Коњуфца од победничката партија Движење „Самоопределување“, јавува Агенција Анадолија (АА).
За Коњуфца гласаа 69 пратеници, 33 беа против, немаше воздржани. За избор на претседател на Собранието е доволно просто мнозинство или 61 глас од 120 пратеници.

Новоизбраниот претседател на Собранието, Коњуфца, им се заблагодари на пратениците, како и на граѓаните за изборот.
„Ветувам дека својата должност ќе ја извршувам чесно, одговорно и посветено. За мене нема да има пратеници од оваа или онаа партија. За мене, како претседател на Собранието, ќе постојат само рамноправни пратеници на народот на Косово. Пред сè, сите заедно и во ваше име, им се заблагодаруваме на граѓаните на Косово бидејќи без нив ниту ние би можеле да дојдеме тука и да гласаме денес“, нагласи Коњуфца.
За потпретседатели на Собранието, со гласање во пакет, избрани се Сандра Богујевци од „Самоопределување“, Бедри Хамза од Демократската партија на Косово и Кујтим Шала од Демократскиот сојуз на Косово.
Движењето „Самоопределување“ има 58 од 120 пратеници и тоа е најбројна пратеничка група во Собранието на Косово. Втора по големина, со 19 пратеници, е групата на Демократската партија на Косово, додека третата група има 15 пратеници. Тоа е пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово.
Од редовите на заедниците избрани се двајца потпретседатели, исто така, со гласање во пакет. Славко Симиќ е потпретседател од редовите на Српската листа, која има 10 пратеници и со која во пратеничката група е и еден горански пратеник.
Во името на 9 пратеници од бошњачката, турската, ромската, ашкалиската и египќанската заедница, ротациски во согласност со мандатот во Собранието ќе се менуваат кандидатите, а прв ќе биде Беким Арифи од ашкалиската заедница.
Со конститутивната седница на осмиот состав на Собранието, избран на предвремените парламентарни избори одржани на 14 февруари, претседаваше најстариот пратеник во овој состав, Авни Дехари, од Движењето „Самоопределување“, а му помагаше најмладата пратеничка Аделина Граинца од Демократската партија на Косово.
На седницата присуствуваше и вршителката на должноста претседателка на Косово, Вјоса Османи, шефот на канцеларијата на ЕУ во Косово, Томас Сунјог, командантот на КФОР, Франко Федерики, американскиот амбасадор Филип Коснет и амбасадорите на пријателските земји акредитирани во Косово.
Пред изборот на претседателот и потпретседателите на Собранието, најпрвин е формирана предвремена комисија за верификација на кворуми и мандати, а потоа пратениците положија заклетва што истовремено ја прочитаа од своите места.
Косовските медиуми пренесуваат дека се големи шансите денес да се избере и Владата на Косово, со оглед дека Движењето „Самоопределување“ ги има гласовите за формирање на Владата. За избор на Владата доволно е просто мнозинство или 61 глас од 120 пратеници.
news_share_descriptionsubscription_contact
