Zylfije Adem Jakupi
23 Ноември 2021•Ажурирај: 23 Ноември 2021
ПРИШТИНА (АА) - Претседателката на Косово, Вјоса Османи, премиерот Албин Курти и претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца, изразија сочувство по повод трагедијата која се случи во Бугарија во која животот го загубија најмалку 46 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателката Османи наведе дека е тажна поради трагичната вест за несреќата на патничкиот автобус од Северна Македонија, во близина на Софија, во која животот го загубија 46 лица.
„Во овој момент на длабока тага, ја делиме болката со семејствата на жртвите и се молиме за преживеаните. Изразуваме сочувство кон граѓаните и властите на нашиот сосед Северна Македонија, од каде се најголем дел од патниците, како и Бугарија на чија територија се случи трагедијата“, напиша Османи на Фејсбук.
Таа додаде дека Косово пред кратко време доживеа таква трагедија и дека добро знаат каква болка е тоа. Ја истакна потребата од брзо реагирање и порача дека Косово е покрај своите пријатели во овие тешки моменти.
Премиерот Курти наведе дека е потресен и тажен поради веста за трагичната несреќа во Бугарија. Тој го изрази своето искрено сочувство до семејствата на настраданите и се придружува кон молитвите за брзо закрепнување на повредените.
„Република Косово изразува сочувство со Северна Македонија, нејзиниот народ и кон сите Албанци шокирани од оваа страшна вест и изразува целосна подготвеност да пружи помош со сите капацитети“, напиша Курти на Фејсбук.
И претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца, наведе дека е шокиран од тажната вест за трагедијата во Бугарија во која животот го загубија 46 државјани на Северна Македонија, кои со автобус се враќаа од Турција.
„Сочувство кон семејствата на настраданите, сочувствуваме со нив, покрај нив сме во оваа трагедија, и се молиме за брзо закрепнување на повредените“, напиша Коњуфца.
Претходно и министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Гервала-Шварц, изрази сочувство по повод загубата на 46 лица во трагичната автобуска несреќа.