Bojana Stojanovic
20 Мај 2020•Ажурирај: 21 Мај 2020
БЕЛГРАД
Србија ќе се бори за правата на својот народ во Црна Гора со демократски средства и ќе им помага додатно на сите српски организации во таа земја, освен на политичките, изјави денеска претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по состанокот со поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), патријархот Иринеј во Белград, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Суштината е во тоа дека ќе се бориме за правата на нашиот народ, ненасилно, со демократски средства, по правен пат, но исто така никому нема да дозволиме какво било спроведување насилство над припадниците на нашиот народ, и за тоа ќе имаме доволно политички легитимитет и политичка сила да се избориме“, рече Вучиќ на конференцијата за новинарите во Претседателството на Србија.
Вучиќ наведе дека ја разбрал грижата на патријархот Иринеј кој барал посилна реакција на Србија на случувањата во Црна Гора и состојбата на СПЦ во таа земја, на што Вучиќ одговори дека на Србија рацете ѝ се „прилично врзани, но дека со такви врзани раце ќе даде сѐ од себе да биде со српскиот народ во Црна Гора и да му помогне“.
„Ние веќе со сите правни, демократски средства ќе се бориме да ѝ укажеме на меѓународната јавност што се случува, а тоа е дека некој се обидува да создаде нова православна црква во Црна Гора“, додаде Вучиќ.
Како што наведе, обврска на Србија е да работи почитувајќи ја Црна Гора и нејзината државност и независност, но ќе инсистира и на единство на српскиот народ во таа држава и нема да дозволи „кинење на ткивото на српскиот народ затоа што некој помислил дека Србите можат да се асимилираат“.
Тој најави и додатна помош на сите српски организации во Црна Гора, освен на политичките организации.
Претседателот на Србија оцени дека во Црна Гора политиката се меша во внатрешното црковно уредување и во суштински духовните работи.
„Ние само ќе бидеме со нашиот народ, а нови ’Бури‘ и прогони на српскиот народ на балканскиот простор нема да има“, рече Вучиќ.
Вучиќ рече дека го разбира ставот на Српската православна црква и патријархот Иринеј, но дека Србија мора да биде повнимателна „бидејќи не сака да го прави она што нејзе ѝ го правеле“.
Поглаварот на СПЦ, патријархот Иринеј, исто така, коментирајќи ги случувањата во Црна Гора, ја оцени состојбата како „никогаш потешка за СПЦ и српскиот народ“, и дека целта е да се „протера српскиот народ и таму да се уништи и оневозможи Српската православна црква“.
„Ние ја почитуваме Црна Гора како држава, јас никогаш не слушнав некој да впери лош збор против Црна Гора, но не е прифатено постоењето на српскиот народ во Црна Гора. Апелирам и со болка во душата го повикувам [претседателот на Црна Гора], Ѓукановиќ, да размисли за тоа што прави, бидејќи не прави добро ни за своето семејство, ниту за својот народ, ниту за Црна Гора“, рече патријархот Иринеј.
Тој го замоли Ѓукановиќ и да го заштити српскиот народ во Црна Гора и Српската православна црква.