БЕЛГРАД (АА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ по состанокот на Советот за национална безбедност изјави дека Србија нема да дозволи прогон и убивање на својот народ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тој рече дека утрово ги послушале барањата на претставниците на српскиот народ од Косово, кои ги информирале за нивните потреби и за сето она со кое се соочуваат пред истекот на рокот што го постави Приштина за промена на регистарските таблички.
Вучиќ додаде дека се работи за 9.000, односно 7.000 возила, а досега вкупно 18 лица, меѓу кои тројца од северот на Косово, се согласиле за промена на регистарските таблички.
„Заканите од Приштина дека ќе продолжи со спроведување на акцијата, која треба да ја покаже нејзината цврстина и сила, целосно ги загрозува стабилноста, мирот и опстанокот на нашиот народ на Косово и Метохија“, нагласи Вучиќ и додаде дека им пренеле на претставниците на Србите од Косово дека ќе бидат целосно со српскиот народ:
„Ние пред неколку дена добивме демарш, договорените позиции на земјите од Квинта и земјите од Европската Унија. Во точка 2 кажува дека треба да разбереме дека постапката на Косово во однос на табличките е легитимна и во согласност со договорите од дијалогот, но дека проблемот е во времето и методите и тоа е она што ја предизвикува нивната загриженост.“
Тој рече дека на претставниците на Квинта и на ЕУ им рекол дека тоа не е точно, дека ја залажуваат јавноста, дека се работи за ноторни лаги, бидејќи според ниту еден договор немаат право на такво нешто.
„Потребно е да се прикаже приштинската страна како добра, но дека не е вистинскиот момент, туку дека е потребно Србите да имаат таблички РКС, бидејќи ние [Квинта и ЕУ, заб. на авт.] поддржуваме независно Косово“, рече Вучиќ.
Според неговите зборови, тие ја измислиле легитимноста и законитоста на непостоечко решение, непостоечка хартија и параграф.
Тој истакна дека Србија ги прифаќа табличките КС кои се статусно неутрални, но дека Приштина, спротивно, еднострано ги укинала сите договори и бара само таблички РКС на независно Косово кои не се статусно неутрални.
Тој, исто така, рече дека Приштина ја донела таа одлука која ја потпишал косовскиот министер за внатрешни работи, Агим Велија на 17 септември 2020 година, две години пред да продолжат преговорите.
„Денеска Србите од Косово и Метохија порачаа дека ќе пружат секаков вид отпор на властите во Приштина на демократски и на мирен начин“, рече Вучиќ.
Според неговите зборови, планот е да се пуштат табличките КМ од територијата на Косово кон централна Србија, а потоа, главно во Јариње и Брњак, да се спречат да се вратат, никогаш повторно да не влезат на територијата на Косово со таблички КМ.
„Тие, едноставно, не разбраа што сè произведуваат во тоа време“, изјави Вучиќ и додаде дека ќе наидат на демократски отпор од српското население и дека државата Србија нема да дозволи прогон и убивање на својот народ, бидејќи нема да има повторување на 2004 година или слични дејствија против српскиот народ.
Вучиќ рече дека на седницата се разговарало за германско-францускиот план кој го поддржале и Соединетите Американски Држави и дека одговорот ќе биде испратен во рок од 24 часа.
„Подготвени сме да ги продолжиме разговорите, но има работи што не можеме да ги прифатиме“, изјави Вучиќ.
Тој, исто така, истакна дека секојдневно се шпекулира за улогата на НАТО, наведувајќи дека улогата на НАТО не е да биде чувар на вратата на северниот дел на Косово и да се бори против локалното српско население кое се бори против неправдата и рушењето на правниот поредок. Тој истакна дека Србија е единствената која ја почитува повелбата и правниот поредок на Обединетите нации на Косово.
„Моето прашање е, бидејќи сите се повикуваат на Повелбата на ОН, Резолуцијата 1244, кога силите на НАТО ќе дејствуваат во согласност со неа и ќе дозволат враќање на персоналот на Српската армија?“, рече Вучиќ.
Тој го цитираше и членот со кој се спречува милитаризацијата на Косово, наведувајќи дека го интересира со кој чин досега ја градат Армијата.
Српскиот претседател рече дека е договорено да се направи сѐ што е можно за да се зачува мирот и стабилноста, да се деескалира ситуацијата, но и да се застане покрај српскиот народ доколку биде нападнат.
Вучиќ пред седницата на Советот за национална безбедност разговараше со претставници на Србите од Косово.