Vesna Besiç
14 Јануари 2017•Ажурирај: 14 Јануари 2017
БЕЛГРАД (AA) - Претседателот на Владата на Република Србија, Александар Вучиќ, вечерва изјави дека Приштина по повод повторното отворање на железничката линија Белград-Косовска Митровица, се обиде да предизвика судири од пошироки размери, соопштено е од Владата на Србија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Вучиќ на вонредната конференција за новинарите во Владата на Србија рече дека Албанците и нивните специјални сили се обидeле во текот на денот да минираат дел од пругата и дека подоцна денеска испратиле од Лужане во Јариње специјална единица со долги цевки, составена исклучиво од Албанци, со цел ситуацијата да ја доведе до судир.
Според неговите зборови, локалните Срби, кога го виделе тоа ја опкружиле единицата од Лужане, после што без одобрение се испратени 17 блиндирани оклопни возила од типот „кобра" со специјалните единици РОСУ.
Вучиќ рече дека таа едниница требало да го уапси машиновозчот Миленко Стевановиќ и патниците, и да предизвика големи судири, поради што донел одлука да го запре возот во Рашка.
„Мојата одлука во тој момент беше да го запрам нашиот воз во Рашка и со неа се гордеам, за да ја сочувам слободата и животите на нашите луѓе, за да избегнеме судири и да им покажеме на сите дека сакаме мир, соопшти претседателот на владата на Србија, Александар Вучиќ.
„Србија сака мир, Србите ги повикувам да останат мирни, а моето последно предупредување и молба до Албанците на Косово е да не се обидуваат да ги нападнат Србите со оружје, бидејќи Србија тоа нема да го дозволи", порача Вучиќ.
Тој додаде дека на никого не му се заканува, туку дека ги моли Албанците да се однесуваат одговорно, бидејќи во сечии интерес е да се зачува мирот.
Вучиќ повтори дека неговата молба до косовските Албанци е „да не си играат со мирот" и да не го загрозат „она што долго, долго го градевме, а тоа е мирот и безбедноста за сите граѓани".
Соопшти дека ја известил високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, за тоа дека е разочаран од реакцијата на ЕУ за овие настани, и најави дека вечерва за тоа ќе биде известена и Русија, а утре и Кина.
Исто така, како што наведе, вечерва или утре ќе разговара и со потпретседателот на САД, Џозеф Бајден, за да го запознае со „воените игри" кои Приштина ги подготвува, со оценка дека не е сигурен дека за тоа немала нечиј благослов.
„За Косовска Митровица тргна патнички воз, а не некој тенк или оклопно возило. Тој воз требаше да ги спојува луѓето и градовите во склад со законите на сите земји од светот и со стандардите за движење на луѓето, стоката, капиталот и услугите, но тогаш почнаа да се случуваат неверојатни работи", заклучи Вучиќ.
Владата на Република Србија претходно соопшти дека во тек е седница за координација на работата на службите за безбедност, која по итно ја повикал Вучиќ поради ситуацијата на Косово.