Dzihat Aliju
25 Август 2017•Ажурирај: 26 Август 2017
ДЕБАР (АА) - Амбасадорите на добрата волја во втората фаза на „Програмата за споделување искуства Македонија 2017“, организирана под координација на Претседателството на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) и во соработка на Anadolu Agency (AA), „Turkish Airlines“ (ТХЈ) и Турската радио-телевизија (ТРТ), помогнаа во санацијата на училиштата во две села во Дебарско, јавува Anadolu Agency (AA).
Триесет и еден студент од различни универзитети во Турција, од кои 17 студентки, се „амбасадорите на добрата волја“ кои престојуваат во Македонија. Од нив, една група помагаа во бојадисувањето на основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ во селото Горенци, а другата група тоа го прави во основното училиште „Неџати Зекерија“ во селото Елеса.
Ебру Араџи, студентка од Универитетот „Шехир“ во Истанбул, која е една од учесничките во „Програмата за споделување искуства Македонија 2017“, во изјава за АА истакна дека во рамките на проектот во Македонија стекнале многу убави пријателства, и додаде дека сака да го дадат својот придонес, макар тој бил и мал, во образованието на сестрите и браќата кои живеат во Македонија.
Араџи нагласи дека во Македонија се запознале со многу добри луѓе. „Многу сме среќни што со посредство на ТИКА денес се наоѓаме тука. Се надевам дека и понатаму ќе продолжиме со вакви проекти на општествена одговорност во странство. Во Турција спроведуваме проекти на општествена одговорност во различни области од земјата. Мислам дека ваквите проекти на општествена одговорност во странство ќе бидат многу плодни во името на изградба на мостови меѓу нас“, вели таа.
Елиф Шен, друга учесничка во проектот, потсети на зборовите на претседателот на ТИКА, Сердар Чам, кој вели: „Зеќатот (милосрдие) не претставува само финансиска поддршка, од еден аспект тоа е споделување на младоста, возбудата и образованието со другите“, и додаде: „Тука сме за да ја извршиме нашата должност. Моментално дојдовме во едно селско училиште. Ќе помогнеме во санацијата на училиштето. Пред неколку дена извршивме санација на спомен-куќата на господин Али Риза, таткото на Мустафа Кемал Ататурк“.
Од друга страна, Бајрам Сезер, студент на Универзитетот „Гедик“ во Истанбул, вели дека во програмата учествуваал за да им помогне на сонародниците во земјата.
„Бевме во селото Коџаџик. Навистина е многу убаво. Уште еднаш ја живеевме нашата историја. Тука видовме дека Турција е поголема од Турција. Нѐ направи горди тоа што видовме дека овде се вее нашето турско знаме“, нагласи Сезер.
Во рамките на програмата што ќе трае до 28 август, студентите ќе помогнат во бојадисувањето на дрвената ограда и студентскиот дом во спомен-куќата на господин Али Риза, таткото на Мустафа Кемал Ататурк, во селото Коџаџик, основните училишта „Мустафа Кемал Ататурк“ во селото Горенци, „Неџати Зекерија“ во селото Елеса, „Кочо Рацин“ во селото Ѓокчели и „Кочо Рацин“ во селото Куртамзали.