Dejan Maksimovic
12 Јули 2020•Ажурирај: 13 Јули 2020
ЗАГРЕБ (АА) - Во изминатите 24 часа во Хрватска регистрирани се 50 нови случаи на коронавирусот, со што бројот на моментално активни случаи во Хрватска е 1.117, објави Штабот за цивилна заштита на Хрватска, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Меѓу активните случаи, 132 пациенти се на болничко лекување, од кои тројца се на респиратор, додека во последните 24 часа од Ковид-19 почина едно лице.
Од 25 февруари 2020 година, кога е забележан првиот случај на Ковид-19 во Хрватска, евидентирани се вкупно 3.722 лица заразени со Ковид-19, од кои 119 починаа, а 2.486 се излекуваа, соопштија од цивилната заштита.
Се истакнува дека во моментов во самоизолација се наоѓаат 4.861 лица и дека до денес се извршени 93.571 тестирања за Ковид-19, од кои 763 во последните 24 часа.
Штабот за цивилната заштита на Република Хрватска, со оглед на епидемиолошката состојба, донесе одлука за неопходна мерка на задолжително носење на заштитни маски или медицински маски за време на траењето на прогласената епидемија на Ковид-19, што ќе се применува од 13 јули 2020 година.
Со оваа одлука се воведува мерката за задолжително носење на заштитни маски или медицински маски за следниве категории лица: вработени во здравствени установи и лица кои доаѓаат во посета на пациенти, потоа возачи, останати вработени во јавниот превоз и патниците во јавниот превоз; вработените во трговските дејности и купувачите; вработените во угостителските дејности кои доаѓаат во контакт со гости или учествуваат во послужување и подготовка на храна, пијалоци, и други лица кои се должни да ја почитуваат мерката со посебни упатства и препораки на Хрватскиот завод за јавно здравје.