Andjelija Stojkovic
12 Јули 2020•Ажурирај: 13 Јули 2020
БЕЛГРАД/БРИСЕЛ (АА) - Специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, по денешната видео-средба со претставниците на Белград и Приштина оцени дека дијалогот е вратен на вистинскиот пат, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Мило ми е што можам да кажам дека по самитот во Париз и денешниот состанок, дијалогот за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина, со кој посредува ЕУ, е вратен на вистинскиот по 20 месеци“, рече Лајчак по состаокот со српскиот претседател, Александар Вучиќ, и косовскиот премиер, Авдулах Хоти.
Тој истакна дека се договорени главните елементи на процесот и темите за следниот состанок, што ќе се одржи во четврток во Брисел.
Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, во видео обраќањето на почетокот на денешната средба рече дека продолжувањето на дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина бара храброст од обете страни и посветеност во духот на компромисот и прагматизмот.
„Никогаш не е лесно да се пронајде решение за долготрајните и болни проблеми, но затоа сме тука, да се обидеме повторно“, рече Борел пред почетокот на денешната видеоконференција.
Тој оцени дека сеопфатниот договор е од клучно значење за подобра иднина за жителите на Косово и Србија, за нивната европска перспектива и за безбедноста и стабилноста на целиот регион.